1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почина Витни Хјустон

12 февруари 2012

Поп легендата Витни Хјустон е пронајдена мртва во хотел на Беверли Хилс. Почина на возраст од 48 години. Причините за смртта се испитуваа до доцна во ноќта.

https://p.dw.com/p/1428G
Фотографија: dapd

Витни Хјустон почина во истиот хотел во кој нејзиниот ментор Клив Дејвис организираше забава пред Греми наградите. Хјустон требала да учествува на забавата. Сцената пред хотелот баше драматична. Гостите кои пристигнуваа на забавата ги пречека шокантната вест за смртта на поп легендата, новинарите го окупираа хотелот, а фановите почнаа да се собираат пред него и да палат свеќи.

Полицијата била алармирана околу 15:43 минути по американско време. Брзата помош и противпожарна брига, кои биле на местото на несреќата се обиделе да ја реанимираат Хјустон со вештачко дишење, но по дванаесет минути ја прогласиле за мртва. Семејството и пријателите, кои биле исто така во хотелот, потврдиле дека починатото лице е пејачката Витни Хјустон.

„Нема очигледни знаци за криминално дело во моментов и причините за смртта се испитуваат од полицискиот оддел во Беверли Хилс“, рече портпаролот на полицијата.

Whitney Houston
На доделувањето на Греми наградите ќе и’ се оддаде почит со настап на Џенифер ХадсонФотографија: dapd

Шокираност меѓу колегите

Нејзините колеги преку социјалните мрежи и пред камерите изразуваа шокираност од веста.

„Со скршено срце сум и во солзи поради шокантната смрт на мојата пријателка. Нема никогаш да биде заборавена како една од најдобрите гласови“, напиша Мараја Кери на Твитер.

„Таа беше една од најдобрите пејачки што кога и да е сум ги слушнал“, рече ветеранот Тони Бенет на црвениот тепих пред хотелот во кој беше пронајдено телото на Хјустон.

Органозаторите на Греми наградите објавија дека се размислува за оддавање почит на пејачката и најверојатно тоа ќе се направи со настап на Џенифер Хадсон.

„Таа го знаеше значењето на тоа да се возбуди публиката и тоа е она што се’ уште го планираме да го направиме“, рече продуцентот на Герми наградите Кен Ерлих.

Живот со подеми и падови

Whitney Houston
Витни Хјустон постигна свестска слава и освои многу награди, но зад сцената имаше тежок животФотографија: dapd

Хјустон имаше 30 годишна кариера. Успеа од пејачка во госпел црковен хор да стане една од најпродаваните и најценетите пејачки на сите времиња. Таа освои шест Греми награди, 30 Билборд награди и 22 Американски музички награди. Објави седум албуми и продаде околу 170 милиони компакт-дискови, синглови и видеа. Песната „I will always love you“ (Секогаш ќе те сакам) од филмот „Телохранител“, во кој Хјустон и глумеше, е една од најпродаваните песни од филм на сите времиња.

Зад сцената, нејзиниот живот беше далеку од романтичните соништа за кои пееше во песните. Со години се бореше со зависноста од алкохол и дрога. Последен пат на лечење за одвикнување од зависност отиде во мај минатата година.

Автор: Александар Методијев /ројтерс/афп

Редактор: Александра Трајковска