1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почетокот ветува многу!

29 април 2009

Поминаа 100 дена откако претседателот Обама положи заклетва. По речиси три месеци на функцијата, вообичаено се прави првиот биланс. Очекувањата беа големи, бидејќи неговата изборна кампања разбуди надеж за нова ера.

https://p.dw.com/p/Hfwa
Претседателот на САД, Барак ОбамаФотографија: AP/DW-Montage

Во првите сто дена од неговиот мандат беше лесно за Барак Обама. Имено, тој мораше прво да направи една работа: да се разликува од претходникот и неговата политика. На национално ниво, анкетите за Џорџ Буш, на крајот на неговиот мандат, покажуваа историско ниска поддршка за еден американски претседател. И во меѓународни рамки се посакуваше американски претседател кој, пред се’, не е Џорџ Буш. Барак Обама, кратко откако ја презеде функцијата ги повлече вистинските потези: нареди затворање на затвореничкиот логор Гвантанамо на Куба, го забрани измачувањето, нареди повлекување на американските трупи од Ирак, на Русија и‘ подаде рака за дијалог и предложи конјунктурен пакет, којшто предвидува инвестиции во образованието и здравствениот систем и најави нова енергетска политика. Набројувањето би можело да продолжи без проблеми.

Опсегот на неговата агенда го одзема здивот. Мултитаскингот – односно истовремено да прави многу работи – е еден од посебните таленти на Обама. Ова може со сигурност да се каже по првите 100 дена на функцијата. Одвреме навреме, тој сепак покажува слабости. Така на пример, колеблив е по прашањето дали да се формира истражна комисија која треба да ги испитува недозволените методи на измачувања при испрашувањата од ЦИА за време на владата на Буш. Досега неуспешна е и натпартиската соработка со републиканците, најавувана на големи врати. Се’ на се’, тој постојано е приземен и верен на своите убедувања. На почетокот на неговиот мандат, Барак Обама покажа дека и‘ е дораснат на задачата, и покрај младоста, во споредба со другите претседатели, и неговото неискуство во извршување на политички функции. Тројца мртви пирати и спасен капетан на товарен брод сведочат за тоа дека Обама не е слабак, како што го преставуваа републиканците во изборната кампања. Исто така, под негово раковдство се продолжи со целното ракетирање на пакистанска територија, на незадоволство на многу приврзаници на претседателот. Оттука е јасно: можеби Обама се поздравува со претседателот на Венецуела, Хуго Чавез, или на Иран му нуди разговори, кога станува збор за национална безбедност, но не се плаши ниту секунда да ја искористи воената моќ на САД.

Christina Bergmann
Кристина Бергман

Довербата останува

Американските граѓани и натаму имаат доверба во Барак Обама. Според анкета на „Вашингтон пост“ скоро 60 проценти од испитаниците се задоволни од тоа како претседателот си ја врши работата. Доверба од граѓаните ужива и за односот кон финансиската криза. Сега 55 проценти оптимистички гледаат на економската иднина на земјата. Во февруари беа 48 проценти.

Во првите 100 дена претседателот Обама го исполни ветувањето да води поинаква политика отколку неговиот претходник. Тоа што во повеќето случаи досега можеше само да ја навести промената, лежи во природата на работите. Гвантанамо не може да биде затворен од денес до утре, истото важи и за повлекувањето на војниците од Ирак, мировно решение за Блискиот Исток, реформа на здравствениот систем, опоравување на стопанството. Сто дена влада – навидум се чини магичен датум, но, за да се измери успехот или неуспехот на овој претседател, тоа е прекратко време. Дури по неколку месеци или години ќе се покаже дали Барак Обама го одбрал вистинскиот курс. Денес може само да е каже: почетокот ветува многу!

Автор на коментарот: Кристина Бергман

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Жана Ацеска