1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Потрошувачките кредити се како темпирана бомба

Инза Вреде/ Александар Методијев30 декември 2013

Водечки германски институти предвидуваат раст на германската економија од 1,8 проценти во следнава година. Сепак, дел од германските компании гледаат темни облаци над економијата.

https://p.dw.com/p/1AiRY
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со години централните банки ги преплавуваат пазарите со евтини пари и ги одржуваат каматните стапки на ниско ниво. Тоа е добро и за претприемачите и за потрошувачите, кои на тој начин полесно можат да земат кредити и да инвестираат или купуваат. Тоа посебно се гледа во Германија, бидејќи Германците многу малку стравуваат за своите работни места. Тие купуваат со задоволство, па дури и на кредит. Според институцијата за проверка на кредитоспособноста ШУФА, во моментов се користат 17 милиони кредити на рати од страна на потрошувачите, што е за 50 проценти повеќе отколку пред десет години.

Во моментов и најголем дел од долговите се враќаат, објаснува Михаел Брец од кредитното биро „Кредитреформ“. „Плаќањето на ратите е подобрено. Во последната година 79 проценти од сите сметки се платени во рамки на 30 дена. Оваа година така е во 83 проценти од случаите. А, друга значајна бројка се загубите по основа на побарувања, ако бизниспартнерот е банкрот. И таму е зголемен бројот на фирми кои не бележат загуби“, објаснува Брец.

Во 2013 година бројката на компании во банкрот беше толку ниска каква што не беше во последниве 14 години. Оваа во однос на претходната година имаше и помалку потрошувачи кои се платежно неспособни.

Сепак, има и должници кои не се во состојба да си ги плаќаат сметките. Според „Кредитреформ“, речиси секој десетти возрасен, односно околу шест и пол милиони лица се должници. Нивните долгови изнесуваат во просек по глава на жител 33.000 евра.

Senioren Symbolbild Alter Demografie Rentner
Демографските промени ќе принудат на барање нови пазариФотографија: picture-alliance/dpa

Кога некоја фирма има такви клиенти, тогаш таа има избор или самата со свои сили да се избори да ги добие парите или, пак, наплатата да се изврши преку компанија за таа намена. Таквите фирми, вкупно 560 на број, се здружени во сојуз и се грижат за долговите на половина милион фирми. Најчесто тие се обидуваат да ги наплатат долговите на потрошувачите. Само во 10 проценти од случаите се работи за долгови направени од други фирми. Зголемените задолжувања на потрошувачите предизвикуваат грижи кај овие фирми за наплата.

„Под одредени околности ова би можело да биде како темпирана бомба која, доколку економската ситуација се влоши, би можела да експлодира“, смета Кај Уве Берг, раководител на Сојузното здружение на германските компании за наплата на долгови.

Повеќето долгови и повеќе луѓе кои не можат да ги исплатат своите кредити ќе значат и повеќе работа за овие фирми, но сепак тоа не е во нивниот интерес, бидејќи тие сакаат да се погрижат сепак долговите на крајот да бидат израмнети.

„Демографските промени ќе доведат до тоа внатрешниот пазар во Германија да има тенденција на намалување. Затоа секој трговец, но и останатите понудувачи на стоки и услуги да размислат како можат да послужат соседните пазари во странство, бидејќи таму има значајни пазари кои нудат значајни можности за бизнис“, смета Берг.

Шанси има, но има и ризици, бидејќи домаќинствата и претпријатијата во Шпанија, Португалија, Ирска и Кипар се и натаму во долгови. Тоа го соопшти Европската комисија. Во други европски земји невработеноста е висока, а економијата стагнира. Тоа не се добри услови за наплата на долговите, бидејќи ако човек нема ништо, нема што и да му се земе.