Потребна е политичка дебата
16 март 2009ВМРО-ДПМНЕ синоќа во Скопје го одржа централниот митинг кој го одбележа долг и гламурозен огномет. На предизборната манифестација учествуваа сите градоначалници и министри од владата, како и голем број на симпатизери кои беа донесени од внатрешноста на земјата. Плоштадот во Скопје беше полупразен, а митингот помина без многу еуфорија, препознатлива за митинзите од последните три години на владејачката партија.
Сондажите покажуваат растечка апстиненција
Последните анкети покажуваат дека една третина од испитаниците кои сеуште не се определиле за кого ќе гласаат. Сашо Ордановски, новинар и аналитичар смета дека главната причина за ваквиот резултат на анкетите е отсуството на политичка дебата меѓу кандидатите за претседателската функција. Новинарот Никола Младенов исто така смета дека се потребни дебати за да се мотивира излезноста на гласачкото тело. Меѓутоа тој смета дека кај владејачката партија не постои подготвеност за такво нешто.
Остра предизборна реторика
Претседателските кандидати во меѓувреме го заоструваат речникот на меѓусебните обвинувања и дисквалификации. Љубомир Фрчкоски побара Ѓорѓи Иванов да се повлече од кампањата, откако тој изјави дека им сугерирал на своите студенти да ја поддржат и да се потпишат под претседателската номинација на Нано Ружин, како своевидна интерна поддршка од ВМРО-ДПМНЕ. Владејачката партија пак го прозва Фрчкоски дека името им го продал на Грците за еден милион американски долари пред петнаесет години и за тоа барал поддршка од поранешниот престедател Киро Глигоров. Дел од експертската јавност смета дека кандидатите за претседател го одбегнуваат спорот за името со Грција, или пак за него зборуваат паушално.