1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

281010 Unternehmenskultur

8 ноември 2010

Германскиот пазар на работна сила во кризата се покажа робустен: првпат во последните 18 години бројката на невработени падна под 3 милиони. За вакво чудо со вработувањето придонесе и променетата претприемничка култура.

https://p.dw.com/p/PwFG
Призмата на профитот не е пресудна за ситеФотографија: DW / von der Au

Добри капиталисти - се’ уште постојат и такви. Кај лиферантот за автомобилска индустрија „Бош“ 85 илјади вработени на први февруари наредната година, два месеца порано отколку што е договорено, ќе добијат зголемување на платата од 2,7 проценти. „Нашите соработници во кризата му беа лојални на претпријатието, прифатија кратења на платата. Оттука, за мене е израз на фер-однос ние да и’ оддадеме признание на лојалноста и сега предвремено да ги зголемиме платите“, вели Волфганг Малхо, раководител на персоналниот оддел во групацијата „Бош“.

Во кризата и други германски претпријатија се обидоа да го задржат долгогодишниот персонал и се послужија со инструментот „скратена работа“: вработените добиваат помали плати за намален обем на работа и додаток од државата. Сега, во време на подем, повторно се напушта „скратената работа“ и дури се вработува и дополнителен персонал, што доведе до „германското чудо со вработувањето“, на кое други земји гледаат со завист.

Претприемништво со поинаква филозофија

Ова не се совпаѓа со сликата за претприемачи кои единствено се стремат кон профит и најавуваат масовни отпуштања од работа - и покрај растечката добивка, и за тоа добиваат пофалби од своите акционери. Таквото краткорочно максимирање на добивката, Ханс-Паул Биркнер, претседател на Управниот одбор на „Бостон консалтинг груп“, ионака го смета за еднострано. Особено семејните претпријатија со долга традиција, вели тој, имаат силна претприемничка филозофија

„... која е насочена кон муштериите, но и кон вработените, кон севупното опкружување, општината во која функционираат; тука има една силна поврзаност и високо чувство на одговорност“.

BASF will US-Konzern für 4,9 Milliarden Dollar übernehmen
БАСФ има слух за потребите на работницитеФотографија: dpa - Bildfunk

Таа претприемничка филозофија се пренесува од генерација на генерација и е од клучно значење и кај интернационализацијата, смета Биркнер, оти малите семејни претпријатија честопати прераснуваат во концерни кои дејствуваат глобално.

Токму во такви фирми од пред повеќе од десет години се води дебата за културата на негување на вредности. Волшебниот збор гласи „споделени“ или „заеднички вредности“.

„Во онаа мера во која претпријатието дејствува интернационално, мора да изнајде некоја заедничка база на вредности. Тоа не значи сите да бидат подеднакво платени, туку да има пристојни, птифатливи работни услови, да бидат испорачувани пристојни производи со добар квалитет, како на странските, исто така и на домашниот пазар“, објаснува Ханс-Паул Биркнер.

Одговорност за средината

Во канонот на вредности спаѓа и себесфаќањето како дел од општеството, и тоа не само во производните погони дома. Најголемиот светски хемиски концерн БАСФ (бе-а-ес-еф), на пример, е деловно активен во Африка, но дава и конкретен придонес за училишно образование на тамошните деца. За тоа зборува Џон Фелдман, член на раководството на концернот.

Deutschland Metallindustrie Metallverarbeitung Arbeiter in Deutschland
Фотографија: AP

„Ние спонзориравме проект со кој децата добија пластична подлога за пишување, оти немаа училишни клупи, на кои ќе можеа да учат да пишуваат. Тие подлоги си ги носат со себе на училиште, а можат и да им ги предадат на браќата и сестрите, кога тие ќе одат на училиште. Тоа е многу успешен проект со многу едноставни средства“.

Во изминатата криза многумина видоа крај на капитализмот и побараа нов систем. Ханс-Паул Биркнер од „Бостон консалтинг груп“, меѓуто, предупредува да не се отпишува избрзано пазарното стопанство.

„Не смееме да заборавиме дека изминатите 20 години беа една од најуспешните фази во историјата на стопанството, но и на општеството“.

Во тој временски простор во светот беа создадени 800 милиони работни места, иако еден дел од нив повторно беа загубени за време на кризата.

Автор: Жанг Данхонг/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска