1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последниот бедем за името е дијаспората

17 февруари 2018

ОМД организира протести низ целиот свет на кои се бара итен прекин на преговорите за името, додека граѓаните во Македонија внимателно го очекуваат крајот на френетичните преговори за да можат да ја допрат иднината

https://p.dw.com/p/2soTS
Deutschland Protest von Mazedonier in Berlin
Фотографија: Getty Images/S. Gallup

„Самуел Жбогар, сменете го своето име во Саламин Жабар!“ Ваков транспарент носеа околу 200 Македонци изминатиов викенд на протестот во словенечкиот главен град Љубљана.  Овој протест беше во рамките на глобалната акција на Обединетата македонска дијаспора  (ОМД) за прекин на преговорите за името насловена како „Ние сме Македонија“. ОМД досега има организирано 13-14 вакви протести од планираните 23 во светот.

Од високи функционери на словенечкото министерство за надворешни работи дознавме дека биле непријатно изненадени од ваквото етикетирање на амбасадорот на ЕУ во нашата земја, еден од најискусните дипломати на Словенија, Самуел Жбогар. Што толку ги налути Жбогар нашите сонародници во Словенија, земја која секогаш била докажан пријател на Македонија, која ги отвори вратите на своите универзитети за македонските студенти (само оваа учебна година таму се запишаа околу стотина бруцоши), што медицинските установи вработија стотини македонски лекари, кои заминаа таму не само по подобар живот, туку и по подобра професионална надградба, што илјадници млади луѓе најдоа работа таму за да сведочат колку е важно кога се цени нечиј труд. Се разбира, Самуел Жбогар нема ништо со јазолот за името, освен што е висок дипломат на Европската Унија. Перцепцијата на македонските граѓани е поинаква од онаа што ја имаат нивните сонародници во Словенија – Жбогар е исклучително посветен европски амбасадор, внимателен и одмерен оптимист за европската иднина на Македонија, кој последнава година ипол направи исклучително многу во промовирањето на европските вредности и европската помош во секое катче во државава.

Но така е кога емотивната перцепција ќе го засени рационалното расудување. Оваа епизода со омаловажувањето на Самуел Жбогар можеби е само израз на гнев на нашите сонародници кои решиле да живеат во Словенија, но таа сепак е дел од мозаикот кој се составува во дијаспората, додека во татковината сите нестрпливо очекуваат дали конечно ќе биде најден компромис меѓу Скопје и Атина за македонските перспективи да бидат откочени. Од секогаш имало разлика во погледите на работите на луѓето кошто живеат овде и на еден важен дел од македонската дијаспора. Оние што заминаа надвор во потрага по добрата страна на судбината најчесто знаеја да се трансформираат во радикални патриоти додека работат, на пример, во некоја осигурителна компанија на Менхетен или во некое дизајнерско студио во Оукленд, Нов Зеланд.

Mazedonien | Proteste gegen den griechischen Außenminister 2014
Фотографија: Getty Images/R. Atnasovski

Необјаснива трансформација

До ден-денешен остана необјаснета оваа трансформација – од каде доаѓаат нејзините пориви, дали емиграцијата ги исфрла во преден план само емотивните врски, а ги отфрла како неважни причините зошто илјадници и илјадници луѓе решиле засекогаш да ја напуштат Македонија. И да се идеализира земјата, која додека живееле во неа им носела повеќе измачувачки живот отколку подносливо секојдневие. Секако дека сите припадници на дијаспората не се исти (членовите на Форумот за демократска Македонија велат дека мислат поинаку, молчат околу преговорите и велат дека се залагаат за граѓанско општество на рамноправни граѓани и одбегнуваат да користат запалливи патриотски слогани, но тие се само дел од мрежата на иселеници и големо прашање е колку е голем тој дел). Ниту пак дека патриотизмот може да биде исклучив и злокобен. И секако дека ОМД има право да ги промовира своите ставови, да се обиде да влијае врз македонската политика и во исто време да го побара балансот меѓу барањата и реалноста.

Претходни колумни од авторот: 

Моќта на спомениците

Што сака ВМРО-ДПМНЕ?

Заев на крштевање во Давос

Година на тектонски промени

Ако ги исклучиме маргиналните повремени протести на малите групи во Скопје против преговорите и ако ги тргнеме настрана внимателните соопштенија на македонските партии, кои очигледно не сакаат да му наштетат на процесот, а граѓаните се во очекување каков ќе биде исходот од овие френетични преговори (анкетите кажуваат дека е зголемена наклоноста за компромис), тогаш единствениот бедем што се ѕида против компромис за името  е оној во дијаспората. Овој бедем ОМД почна да го ѕида во Америка уште одамна, упорно барајќи Македонија да ги прекине преговорите и да излезе од процесот во ОН (без оглед на спогодбата што сме ја потпишале) и упорно тврди дека медијаторот Метју Нимиц е наклонет кон грчката страна, поради наводни бизнис интереси и затоа не може да биде неутрален.

Ширењето на овој бедем преку протестите на 23 локации во светот почна во Вашингтон со собирот на 14 јануари пред македонската амбасада. Во една невообичаена ситуација, Васко Наумовски, македонски амбасадор и официјален преговарач за името назначен од претседателот на државата, ја прими делегацијата на оние што протестираа за прекин на преговорите и се сликаше за да биде овоковечен моментот кога му беше врачувана декларација во која се вели: „Најостро ги осудуваме тековните разговори со Грција околу името на Република Македонија“, најостро се осудува „неодговорниот и незаконски чин на пратениците во Собранието со изгласување на неуставниот закон за јазици“ и се осудува „разнебитувањето на унитарноста и суверенитетот на матичната држава“. И од преговарачот се бара „итен прекин на разговорите околу името на државата што Владата на Република Македонија ги води во тајност под покровителство на ОН“. Веројатно ова беше првата важна грешка на Наумовски, кој со амбасадорскиот прием на декларацијата и фотографијата со која го овековечи настанот, зачекори на границата на дипломатските норми, а потоа ја премина со невообичаената изјава по средбата со Нимиц во Њујорк.

Symbolbild Mazedonien Streit um Namen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кој е во заблуда?

По протестите во градот Асти, Италија, стана јасно дека глобалната акција против решение за името е директно поврзана со ланските настани во Македонија и можеби е дополнително инспирирана од некои овдешни структури. Во соопштението за протестот се наведува дека „започнува движењето ’Ние сме Македонија‘ како продолжение на ’За заедничка Македонија‘“, а потоа се наведуваат истите слогани: „Забележуваме дека барањата на албанското малцинство стануваат сѐ поапсурдни“, „Ние Македонците сме загрижени за опстанокот на нашата држава и нашиот идентитет“, „Се лаже македонскиот народ дека со промена на името Македонија ќе влезе во НАТО и ЕУ“, „Се лаже народот дека влегувањето во тие организации ќе донесе благосостојба, а веројатно сте свесни дека и ова не е точно“... И уште редица слични флоскули напишани од луѓе кои ја напуштиле златната таковина за да живеат во сиромашни и измачувачки земји како Италија.

Кога Зоран Заев и Алексис Ципрас се сретнаа во Давос и македонскиот премиер најави промена на имињата на аеродромот и автопатот, претседателот на ОМД, Мето Колоски, во видео обраќање на „Фејсбук“ одлуките на владата ги нарече „шлаканица за сите Македонци кои се бореа и загинаа за слободна, суверена и независна Македонија... Грција не направи ниедна отстапка кон Македонија и македонскиот народ... Нема да го промениме нашето име, нашиот идентитет и нашиот јазик само за да ја задоволиме Грција или грчкиот народ. Тие мора да го прифатат тој факт ако сакаат да бидат пријатели со Македонија и македонскиот народ“. Остро, ама ние овде не знаевме дека, ете, сите нѐ молеле да станат наши пријатели, а ние сме го бирале друштвото.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Кога тројцата партиски лидери и претседателот Ѓорге Иванов се сретнаа да разговараат за предлогот на Нимиц и за средбата во Давос, ОМД оцени дека е „целосно неодговорна реторика употребена во изјавите на сите учесници“ и дека „средбата создаде сомнеж за не-дословно почитување на уставот на Република Македонија“.

Меѓу организацијата на два протести централата на ОМД најде време да подели и признанија. На 8 февруари им додели признанија за јавна служба и пријателство на Вилма Трајковска, сопруга на покојниот претседател на Македонија, Борис Трајковски, и на хрватската европратеничка Маријана Петир. Во образложението на наградата на европратеничката ОМД рече дека „Госпоѓа Петир работеше неуморно да ги засили врските и пријателството меѓу Македонија и Хрватска“. Можеби од Вашингтон изгледа така, но од Скопје главно имаше ваква перцепција – Петир работеше неуморно во одбрана на ВМРО-ДПМНЕ и особено на нејзиниот поранешен лидер, Никола Груевски, во времето на истрагите на Специјалното јавно обвинителство. Петир ги напаѓаше социјалдемократите како политичари кои се неодговорни спрема сопствената земја и уште повеќе – дека сакаат да ѝ наштетат. Нејзиниот глас за одбрана на „заробената држава“ беше меѓу најосамените во Европскиот парламент. Како што ѝ прилега на една ваква церемонија, која се одржуваше за време на Молитвениот појадок во Вашингтон, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев, најде време да присуствува на неа. И никој друг од бројната делегација од Македонија.

Една организација од дијаспората може да ги конципира своите активности како сака. Да протестира околу разговорите да се изнајде компромис за името, па дури и да обвинува за национално предавство. Токму онака како што го прават различни групи и партии во Македонија. Но оваа глобална акција „Ние сме Македонија“ е во целосна дискрепанца со она што се случува во државата. Како што ОМД вели дека се зголемува бројот на учесниците на протестите во светот, така расте бројот на оние граѓани во Македонија, кои се подготвени за некаква промена на уставното име за да може да имаат допир со иднината. Кој е тука во заблуда – граѓаните коишто останале да живеат овде или емиграцијата која, на пример, шета на брегот на Женевското Езеро. Или пак дел од дијаспората е искористен од некои овдешни партии да го кажува она што тие во овој момент не можат да го кажат, затоа што политички не е опортуно.

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар