1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последна шанса за Црвенковски

Костадин Делимитов29 октомври 2012

Опозицискиот фронт предводен од СДСМ повика на истовремено одржување на локалните и предвремени парламентарни избори. Има ли капацитет опозицијата за успешен настап?

https://p.dw.com/p/16Ya3
Фотографија: picture-alliance/dpa

Изборите во март догодина се клучни за опстојувањето на политичката сцена на актуелното раководство на СДСМ на чело со Бранко Црвенковски. По кулминацијата на таканареченото работно лето со вчерашниот голем митинг во Скопје, се` освен победа на локалните и евентуални предвремени парламентарни избори ќе значи политички крај за Црвенковски и останатите клучни актери од опозицискиот фронт, коментира за Дојче Веле аналитичарот Кире Наумов. Изборите во март според него се можност да се провери тезата со што СДСМ ја држеше кондицијата кај членството, дека збирот на гласовите заедно со останатите партии од опозицијата на последните избори е поголем од оние на власта:

„Создавањето на овој опозициски фронт оди само врз математичка база, односно без идеолошка база на спојување. На краток рок мислам дека тоа може да биде поволно за СДСМ, но на долг рок ќе биде погубно. Тоа е посебно важно зошто СДСМ се обидува во последниов период да игра на картата на популизмот, на пример национализмот и слични дисциплини во кои Груевски е очигледно махер, а СДСМ мислам дека полека го губи својот идеолошки идентитет доколку продолжи така. Евентуален пораз во март ќе значи дефинитивен политички крај за Црвенковски и еден дел од раководството на СДСМ, дефинитивно мислам дека тоа ќе биде крај и за Георгиевски, па мислам и за младиот Жерновски“, смета Наумов.

Избрзани одлуки?

Аналитичарот Владимир Божиновски пак гледа мали изгледи за успех на опозицискиот фронт. СДСМ во последниов период според него повлекол неколку брзи и некоординирани потези што не придонеле за зголемување на довербата кај гласачите. Погрешниот тајминг на работното лето и пропаднатиот договор со ДПА и Мендух Тачи повеќе и носат штети отколку корист, смета тој:

Parteivorsitzende Sozialdemokraten und DPA in Mazedonien
Мендух Тачи и Бранко ЦрвенковскиФотографија: DW

„За жал трета работа со која што се потврдува оваа моја теза дека премногу брзаат и не ги анализираат работите и со тоа не можат да стекнат доверба кај потенцијални избирачи е самото инсистирање на промоција на кандидатите за градоначалници каде што со оглед дека Стевче Јакимовски им откажа очигледно во последен момент, на брзина повторно излегоа со кандидат кој што е несоодветен за тоа место. Господинот Јани Макрадули е во централното раководство на партијата, беше мислам двапати носител на избирачките листи во петтата изборна единица и едноставно е сосема поинаков опсегот на неговата работа и перцепцијата за него како политичар. Требаше да одат со кандидат кој веќе бил градоначалник, или некој советник и слично. Се` тоа ќе беше подобро од ова решение“, вели Божиновски.

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски од митингот на плоштадот Македонија во Скопје, испрати порака до премиерот Никола Груевски напролет да ги одмерат силите на локалните заедно со парламентарни избори.