1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Португалија, Грција, Кипар или должничка криза 2.0?

Жанг Данхонг / Симе Недевски6 јули 2013

Инвеститорите бараат од Португалија камати поголеми од 8 проценти за долгорочни заеми - тоа посетува на најлошото време на должничката криза... дали тоа се враќа?

https://p.dw.com/p/19368
Фотографија: picture-alliance/dpa

Андреас Рес, главниот економист на баката „Уникредит Германија“, не може да верува дека медиумите повторно пишуваат за распламтување на должничката криза. Во Португалија политичката ситуација е затегната, „но кога ќе погледнете каков напредок оствари таа земја на план на структурните реформи и штедењето, не верувам дека тоа може да се нарече должничка криза“, вели Рес за ДВ.

Стручњакот за финансии Волфганг Герке тоа го гледа сосема поинаку. Тој смета дека кризата не поминала: „Таа е само пригушена со екстремно големото количество пари на емисионите банки, како и со парите од спасувачки фондови. Не е никакво изненадување тоа што пазарите одеднаш повторно станаа нервозни и немаат доверба во преземените мерки. Поради тоа должничката криза и натаму е во тек.“

Уште еден спасувачки пакет за Португалија?

Португалија во моментов е кризно жариште број еден. Таму двајца министри поднесоа оставка бидејќи не сакаа веќе да учествуваат во спорната владина политика на штедење. Нови избори и преговори со новата влада би биле трошење на време кое земјата го нема. Меѓународниот монетарен фонд смета дека нејзиниот државен долг следната година би можел да се зголеми на 140 проценти бруто општествен производ ако конјуктурата се развива полошо отколку што се очекува. Така гледано, малку е веројатно дека Португалија од средината на 2014 година повторно би можела да се финансира сама себеси на пазарот, кога ќе истечат кредитите од земјите од еврозоната, Европската централна банка и ММФ („Тројката“). Со други зборови: потребен е втор пакет за спас на Португалија.

Spanische Ein-Euro-Münze unter dem EU-Rettungsschirm
Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online/Ohde

Тоа потсетува на Грција, со што стигнавме и до кризното жариште број два. Таму стручњаците од Тројката испитуваат токму дали Грција ги исполнила условите за наредната транша кредити. Во средата (3.7.) владата во Атина мораше да признае дека не успеала во потребна мерка да го редуцира бројот на работни места во јавниот сектор. Нема напредок ни во приватизацијата. Андреас Рес и покрај тоа наоѓа зборови за пофалба за земјата во која се роди должничката криза: „Грција на планот на штедење веќе постигна многу. Но, точно е и дека мора уште многу работи да се направат кога се во прашање структурните реформи.“

Нов отпис на долгови за Грција?

И покрај сите мерки на штедење, долгот на Грција повторно достигна 175 проценти БДП. Целта на кредиторите тој до 2020. година да се намали на 110 проценти се‘ помалку изгледа реален. Многу стручњаци сметаат дека е неизбежен нов отпис на долговите за таа земја. Тоа би ги погодило и германските даночни обврзници, бидејќи во меѓувреме веќе 80 проценти од државниот долг на Грција стигнал во јавниот сектор. Тоа е непријатна тема во време на предизборна кампања. Поради тоа, Волфганг Герке смета дека пред изборите во Бундестагот нема да има нов отпис на долгови за Грција, „а по изборите се' ќе биде можно. И финансиските пазари го гледаат тоа и така се однесуваат.“ Според мислењето на овој стручњак, Грција одамна требаше да ја напушти еврозоната со соодветна програма за реконструирање на економијата.

Europa Flagge Montage
Фотографија: picture-alliance/ZB/Montage DW

Прво излегување од еврозоната?

За излегувањето на Грција од еврозоната многу се дискутираше и шпекулираше, но таа тема беше заклучена пред една година. Но, сега една друга земја би можела да побара среќа надвор од еврозоната: Кипар. И тука сме кај кризното жариште број три. Според една анкета, 67 проценти од Кипраните сака да се збогува со еврото. Граѓаните на островската република мораат да заштедат вкупно 13 милијарди евра за да ги кредитира Тројката со 10 милијарди. Земајќи го предвид драстичниот пад на БДП, владата во Никозија неодамна му испрати на Брисел апел за спас, кој остана без одговор. Волфганг Герке смета дека политиката за спасот на валутата во голема мерка е виновна за очајната положба на граѓаните на Кипар, но и на Грција и на Португалија: „Беше направен обид да се спасат банките. Спасен е голем дел од меѓународната сопственост, но бремето е префрлено на граѓаните, иако тие се најмалку виновни за проблемите.“