1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поради опасност од тероризам прекинат рок-фестивал

ЕМФ /агенции
3 јуни 2017

Поради стравувања од можен терористички напад, вчеравечер е прекинат еден од најголемите рок-фестивали во светот „Рок ам Ринг“, којшто се одржува на Нирбургринг. Денеска е одлучено фестивалот да продолжи.

https://p.dw.com/p/2e4i4
Musikfestival Rock am Ring
Фотографија: picture-alliance/dpa/T.Frey

Фестивалот, кој секоја година го посетуваат десетици илјади, беше прекинат поради „терористичка опасност“. Полицијата во Кобленц прекинот на еден од најголемите рок-фестивали во светот ја образложи со „конкретни укажувања“ за можен напад, но не наведе натамошни детали. Денеска, по деталните проверки, е донесена одлука за продолжување на фестивалот. 

Според информации на АРД, во позадината на одлуката за прекин на легендарниот „Рок ам Ринг“ е апсењето на две лица во Кобленц. Тие наводно имале легитимации на персонал кој помага во текот на одржувањето на фестивалот и со кои имаат пристап до местото на одржување на концертите. Еден од уапсените имал роднински врски со лице кое е притворено поради сомневања за тероризам.

Министерот на германската покраина Рајнлан Пфалц, Роџер Левенц, изјави дека полицијата покрај деталната проверка на просторот на одржување на фестивалот, има неколку работи на кои се концентрира во истрагата. Сојузниот министер за внатрешни работи Томас де Мезие ја поддржа одлуката на Левенц за прекин на фестивалот.

Полицијата вчеравечер им нареди на организаторите на тридневниот фестивал да побараат од посетителите да го напуштат просторот на одржување на манифестациите. Организаторот Марек Либерберг изрази надеж дека „Рок ам Ринг“ ќе продолжи и дека концертите кои отпаднаа поради прекинот ќе бидат дополнително одржани.

Musikfestival Rock am Ring
Фотографија: picture alliance/dpa/T. Frey

Сомнежи околу безбедноста на фестивалот имаше уште пред неговото прекинување. Присуството на полицијата на Нирбургринг беше зголемено, меѓу другото и поради терористичкиот напад во Манчестер пред една и пол недела. Либерберг на почетокот на фестивалот потсети на жртвите од Манчестер.