1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пописот на Трамп: Постои ли американска нација?

Александар Герлах
11 јули 2019

Спорот околу едно од прашањата во претстојниот попис во САД го открива стариот конфликт околу природата на американската нација. Но, дебатата е далеку од завршена, пишува Александер Герлах.

https://p.dw.com/p/3LtmD
USA Freiheitsstatue in New York
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Schumann

Претстојниот попис предизвика бура во САД откако претседателот Трамп побара во прашалникот да биде додадено прашање за националноста на граѓаните. На прв поглед, делува легитимно. Конечно, и во Германија сакаме да знаеме од каде доаѓаат луѓето кои живеат и престојуваат тука.
Но, администрацијата на Трамп е загрижена за нешто друго. Дистрибуцијата на приходите од даноците и владините грантови се делат согласно со бројките на население. Државите како Њујорк имаат значително поголем број на мигранти, легални и илегални, па на Трамп ќе му одговара доколку овие држави во иднина добиваат помали средства. Тоа ќе ги исцрпи финансиски оние делови од земјата кои традиционално не гласаат ни за Републиканци, ниту за него- а уште поважно- ќе гласаат повторно на следните избори.

Историјата на САД- федерација, а не нација

Но прашањето за државјанството, кое беше отворено пред Врховниот суд, оди подлабоко: САД имаат разнолика историја во која, најпрво се дефинираа себеси како нација, а потоа одлучуваа кој припаѓа кон таа нација. 13-те британски колонии кои прогласија независност во 1776 година најпрво не се гледаа себеси како нација, туку како федерација. Секоја колонија стана држава, а заедно ја формираа конфедерацијата на држави. Тоа објаснува зошто, до ден денешен, државите се скептични кон Вашингтон: Централната влада го претставува концептот на „нација“. А владата на сојузно ниво го претставува нелегитимното мешање во државните работи. Ова стана особено јасно кога се отвораше прашањето на ропството, кое не можеше да се реши на сојузно ниво затоа што државите тврдеа дека тие се единствено одговорни за ова прашање.
Денес, се уште постојат две радикално различни сфаќања за американската нација. Првата ги гледа САД како етнички хомогена, христијанска, бела нација. Втората ја апострофира космополитската природа на американското општество. Обете водат кон почетоците на Соединетите американски држави. Доналд Трамп ја глорификува белата Америка, Барак Обама- космополитската. Прашањето за нечие потекло, кое Трамп сака сега повторно да го постави, е само последната манифестација на спорот кој трае со векови околу тоа што сакаат да бидат САД и кој им припаѓа. Ова е исто така напишано и на основата на Статуата на слободата во Њујорк. Со инструирањето на државните служби да ја исфрлат додавката „нација на имигранти“ од својата мисионерска изјава, Трамп го враќа стариот наратив за бела Америка.
Актуелниот спор не е за тоа статистички да се преброи кој живее во земјата. Многу повеќе е обид да им се направи земјата недостапна на идните генерации имигранти. Во таа смисла, Доналд Трамп веќе го нападна концептот на "jus soli" односно право според раѓање кое овозможува добивање државјанство на родените во земјата: Секој кој е роден во САД е автоматски граѓанин. Доналд Трамп сака да го укине тоа, и да им ја одземе на децата на имигрантите родени во САД не само можноста во земјата да се чувствуваат како дома, туку и да бидат Американци. Токму ова право досега ги разликуваше САД од Европа. Во Европа, дури и децата од трета генерација на имигранти и натаму ги прашуваат од каде „навистина“ доаѓаат, додека во САД секој кој ќе положи заклетва како Американец се смета за Американец. Тоа не е можно никаде во Европа. А токму тоа ја направи Америка „извонредна“.

Portrait Prof. Dr. Dr. Alexander Görlach
Александер Герлах е повремен колумнист на ДВФотографија: Harvard University/D. Elmes

Укинување на нацијата

Со укинувањето на државјанството по раѓање, претседателот сега сака да ја укине и нацијата. На крајот од овој процес- а тој токму тоа го посакува- Америка повторно ќе биде испарцелизирана земја, во која наместо владеењето на правото, ќе владее законот на џунглата, каде посилниот ќе владее над послабиот. Во тој контекст, не треба да се заборави дека по масовните убиства во американските училишта, Трамп предлага секој да може да носи оружје, наместо да воведе закон за подобра контрола на оружјето.
САД остануваат поделени за ова прашање, како што е веќе два века. Идните претседателски избори, можеби уште во 2020, ќе покажат дали овој тренд се зацврстува. Веќе е очигледно дека луѓето под 40 години се насочуваат кон идеи кои постарите генерации ги сметаат за „социјалистички“. Речиси 85 отсто од младите луѓе се против изградбата на ѕид кон Мексико, едно од централните ветувања на Трамп. САД остануваат земја на имигранти и оптимизам, во најмала рака, кога се работи за мнозинството од младата генерација.

Александер Герлах е почесен професор по етика и теологија на Универзитетот во Линеберг и на Институтот за верски и меѓународни студии на Универзитетот Кембриџ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема