1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помошта ја попречува владата на Бурма

7 мај 2008

По ураганот во Бурма и натаму стотици илјади луѓе се без вода, струја или здравствена грижа. Голем број меѓународни организации понудија поддршка.

https://p.dw.com/p/DuwV
95 насто од куќите во делтата на Иравади се разурнатиФотографија: picture-alliance / dpa

Со секој ден последиците од ураганот во Бурма стануваат повидливи. Во Рангун во многу квратови започнаа расчистувањето и поправките. Милионската метропола и натаму главно е без струја, а ниту снабдувањето со вода не функционира. Луѓето се жалат на недоволната помош од државата:

„Во Рангун нема вода. По ураганот, снема и струја„.

Однесените покриви привремено се крпат, искршените прозорци и фасади се покриваат со хартија. Градежни материјали нема доволно.

Вчера пристигна еден воен авион од Тајланд со повеќе тони помош. Државната телевизија ги прикажа војниците во чисти униформи како го растовараат авионот. Надлежниот командир, генерал-полковникот Мијант Све вели, се ќе им биде поделено на луѓето колку што е можно побргу:

„Најнапред ќе испратиме помош со четири хеликоптери до најпогодените подрачја„.

А, најтешко погодена е делтата на реката Иравади. 95 проценти од сите куќи во регионот се разурнати, јавуваат соработниците на хуманитарните организации кои со хеликоптер го надлетаа регионот. Се проценува дека околу милион луѓе останале без покрив над главата. Стотици илјади мораат да бидат снабдени со вода за пиење, храна и лекови, изјави координаторот за хуманитарни акции на Обединетите нации Ричард Хорси:

„Мора да видиме какво влијание има несреќата врз резервите храна за луѓето таму и што значи тоа за земјоделството во делтата на Иравади. Наш главен проблем во моментов е снабдувањето со вода за пиење и изградбата привремени сместувалишта„.

Организацијата на итната помош е кошмар, велат соработниците на хуманитарните организации. Недостигаат бродови и камиони, а нема ни доволно бензин. Европската унија побара од воената хунта во Бурма да не ги спречува помошниците и да им дозволи слободен пристап кон настраданите подрачја. Францускиот министер за надворешни работи Бернар Кушнер ја обвини армијата дека сака да прифати помош само ако самата ја контролира и ја дели.