1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помошта за појасот Газа се вкотви во Египет

15 јули 2010

Играта со нерви околу либискиот брод „Амалтеја“, кој патуваше кон појасот Газа, на крајот сепак ја доби Израел. Товарниот брод синоќа се прикотви во пристаништето Ал Ариш во Египет.

https://p.dw.com/p/OJSh
Фотографија: AP Graphics

Иако бродот „Амалтеја“ не успеа да стигне до Газа, мисијата е успешна - истакна Јусеф Саван, портпарол на фондацијата „Гадафи“, со која раководи Саиф ал-Ислам Гадафи, син на либискиот лидер Муамер ел-Гадафи. Фондацијата беше главниот спонзор на мисијата. Најважно е што не се пролеа крв, додава Саван. И на својата интернет страница фондацијата „Гадафи“ заклучува: „Не сакаме да се тепаме со никого, туку само да доставиме хуманитарна помош.“

Јасно предупредување

Das Schiff Amalthea
„Амалтеја“ при товарењето во ГрцијаФотографија: AP

Целта на бродот, кој минатата сабота исплови од грчкото пристаниште Лаврио, беше хуманитарната помош да ја истовари директно на брегот на Газа. Израелската морнарица, која деновиве не го испушташе бродот од вид, повеќепати ја предупреди неговата посада да не се обидува да ја прекрши морската блокада. Синоќа „Амалтеја“ се прикотви во пристаништето Ал Ариш, што се наоѓа околу педесет километри југозападно од Појасот Газа. Со тоа се избегна потенцијалниот конфликт со израелската армија.

По копнен наместо по морски пат

На бродот, кој всушнот пловеше под молдавско знаме, се наоѓаа две илјади тони хуманитарна помош - пред се`, лекови и прехранбени продукти. Тие сега треба да бидат растоварени во Ал Ариш, по што Црвената полумесечина по копнен пат ќе ги достави до жителите на Газа. Ова го дозволи и израелската страна.

Ова е веќе трет обид во изминативе шест недели да се пробие морската блокада кон Газа. При насилното заземање на еден турски брод од страна на израелската армија на крајот на мај беа убиени девет турски активисти. Воената акција наиде на остри критики од меѓународната заедница. Како реакција на ова, Израел ја олабави копнената блокада кон Појасот Газа, но не и онаа од морска страна.

Автор: КВ/ ТТ/ ГЧ/ дпа/ афп/ ртре

Редактор: Александра Трајковска