1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

010610 Friedensjirga Afghanistan

2 јуни 2010

По две одложувања, денеска во Авганистан треба да се одржи џирга, односно мировен племенски совет. Околу 1.600 поканети делегати треба во текот на следните три дена да го усвојат „планот за помирување“ со талибанците.

https://p.dw.com/p/NexU
Фотографија: AP

Авганистанскиот претседател Хамид Карзаи уште на почетокот на минатата година ја објави својата највисока политичка цел: помирување со талибанците и завршување на војната во Авганистан. За постигнување на оваа цел, истакна Карзаи, во духот на авганистанската традиција, ќе свика мировна џирга. На авганистанскиот претседател му беа потребни осум ипол години да ги увери неговите партнери во земјата и странство во оправданоста на неговата храбра идеја. Кој треба да учествува на овој мировен племенски совет? Карзаи објаснува:

„Мировната џирга ќе се одржи во Кабул и на неа ќе учествуваат влијателни племенски водачи, религиозни лидери, научници, интелектуалци и голем број наши сестри. Тие ќе дискутираат околу процесот за реинтеграција на нашите браќа во авганистанското опшстество.“

Peace Jirga - Großbild
Од мировната џирга меѓу Пакистан и Авганистан во 2007 годинаФотографија: AP

Со кого, каде и преку кого?

Сепак, Карзаи не наведува повеќе детали околу неговиот најважен внатрешнополитички проект. За подробностите е одговорен главниот организатор на џиргата, Фарук Вардак, кој е близок повереник на претседателот и актуелен министер за образование. Националната џирга, вели Вардак, ќе претставува почеток на процесот на помирување со сите противници на владата.

„Кога се говори за договор со бунтовниците, тогаш мора да се објасни за што точно сакаме да се договориме, со кого треба да се договараме, каде и преку кого? Второто очекување што го имаме од мировната џирга е создавање јасен механизам за реализација на плановите за помирување со бунтовниците.“

„Џиргата е тактички потег“

Delegierter beim Schmökern
Вин-вин ситуација за Карзаи?Фотографија: ap

Талибанците досега категорично одбиваа секакви преговори со Кабул. Тоа што Карзаи, сепак, не се откажува од одржувањето на мировниот племенски совет е од чисто тактички причини, објаснува експертот по безбедносни прашања Вахид Мојда. Според него, Карзаи сака за себе да создаде вин-вин ситуација:

„На внатрешнополитичката сцена може да демонстрира дека голем дел од општеството стои зад него. На странските партнери сака да им сигнализира со џиргата дека авганистанскиот народ веќе не сака војна“, истакнува Мојда.

Доколку бунтовниците не ги прифатат предлозите на Карзаи, тогаш тие ќе бидат виновни за продолжувањето на војната. Сепак, само џиргата нема многу да му помогне на Карзаи во решавањето на бројните проблеми во земјата, нагласува експертот Мојда. Луѓето очекуваат конкретни предлози за решавање на најакутните проблеми, како безбедноста, корупцијата и трговијата со дрога.

Автор: Ратбил Шамел / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска