1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помирување меѓу ЕУ и Кина

21 мај 2009

Вчера во Прага се одржа самит на високи претставници на ЕУ и Кина, прв по затегнувањето на односите меѓу двете страни. Првично самитот беше закажан за декември 2008, но Кина го откажа, поради политиката на ЕУ кон Тибет.

https://p.dw.com/p/HuY2
Претседателот на ЕК, Жозе Мануел Барозо и премиерот на Кина, Вен ЃијабаоФотографија: AP

Чешкиот претседател, Вацлав Клаус, иако важи за еден од европските скептици, добро се прикажа во улога на еден од највисоките европски претставници, со оглед на тоа што неговата земја е актуелен претседавач со ЕУ. На вчерашната прес-конференција тој изјави:

„На денешниот самит разговаравме за многу теми. Не само за односите меѓу Кина и ЕУ, туку и за финансиската криза, заштитата на климата, како и други меѓународни теми. Денеска дебатиравме и за човековите права. За ЕУ тие се од големо значење. Не` радува тоа што ова прашање во иднина ќе биде значаен дел од дијалогот во нашето стратешко партнерство“, рече Клаус.

China EU Treffen in Prag Tschechien
И покрај евроскпетицизмот, чешкиот претседател, Вацлав Клаус, достојно ја претстави ЕУФотографија: AP

Кинескиот премиер, пак, Вен Ѓијабао, истакна дека со неговото доаѓање во Прага сакал да демонстрира желба за помирување и соработка со ЕУ.

„Дојдов во Прага со искреност и одговорност. Ова е моја втора посета на Европа во рок од пет месеци. И на претходната средба со европските политичари, на почетокот од годинава во Брисел, со согласивме дека самитот меѓу ЕУ и Кина мора што поскоро да се одржи. И јас исто така сметам дека довербата е основата за кинеско-европските односи“, исткана кинескиот премиер.

Кина е сепак земја во развој

Покрај финансиската криза, уште една од главните теми на самитот беше заштитата на климата. Една од спогодбите што вчера беа потпишани се однесува токму на оваа област. Според неа, Кина се обврзува да основа Центар за чиста и обновлива енергија. ЕУ, пак, се обврзува да обезбеди финансиска поддршка и техонолија. Сепак, владата од Пекинг не се обврза на конкретно намалување на емисиите на ЦО2. Премиерот Вен Ѓијабао потенцира дека иако економијата на Кина бележи подем, таа е сепак се` уште земја во развој:

„Кога е заштитата на климата во прашање, сметам дека сите треба да преземеме одговорност, но во различни размери“, изјави Ѓијабао.

Покрај другото, тој ја повика ЕУ да го признае статусот на Кина како слободно пазарно стопанство и да го укине ембаргото за увоз на оружје.

Автор: Ксиегонг Фишер / Трајче Тосев

Редактор: