1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Помила им е работа во администрацијата, отколку сопствен бизнис

Свето Тоевски22 февруари 2014

Министерството за економија објави повик до студенти и други категории млади за учество на натпревар со свои бизнис – планови. Според експертите, претприемничките иницијативи на младите остануваат и натаму неактивирани.

https://p.dw.com/p/1BDjh
Фотографија: picture alliance/Bildagentur-online

Македонското Министерство за економија годинава започна да го реализира проектот „Натпревар за бизнис план“ под мотото - „Биди перспективен, започни свој бизнис“, кој ќе го реализира во две фази. Заради спроведување на првата фаза на крајот од минатиот месец објави и јавен повик до сите студенти и млади претприемачи на возраст од 18 – 30 години да учествуваат на натпреварот со свои бизнис – идеи. Студентите и младите претприемачи, чии бизнис - идеи ќе бидат избрани во потесниот круг меѓу 40-те најдобри, ќе поминат низ обука, за да бидат соодветно оспособени за преточување на нивните идеи во бизнис - план. Потоа во втората фаза ќе биде објавен јавен повик за пријавување со сопствени бизнис – планови. Изготвувачите на петте најдобри планови ќе бидат наградени со плакети, ваучери и со суми од илјада до 5400 евра во денарска противвредност, со цел да им се обезбеди техничка и финансиска помош за основање на компанија. Ова министерство за 2014 година планира уште една мерка за поддршка на младите претприемачи: ќе се врши субвенционирање на новоосновани претпријатија во сопственост и управувани од млади претпријатија преку софинансирање на 60 проценти од трошоци за набавка на опрема, алати и инвентар, како и други видови трошоци за водење на бизнисот, но, најмногу со сума до околу 2 илјади евра.

Universität Cyril and Methodious in Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Ваквите активности на ова министерство повторно ги актуелизираат прашањата: колку младите во оваа земја се реално заинтересирани да започнат да водат сопствен бизнис во постојниот економски амбиент, кои услови се потребни за активирање на нивниот претприемнички дух? Зашто, како што стои во една информација објавена на 6.2.2014. година на официјалната интернет – страница на Министерството за економија, самиот ресорен министер Валон Сараќини во текот на својата работна посета во Штуловиот универзитет во Тетово пред претставниците на бизнис – заедницата, професорите и студентите изјавил: „Според направените анализи, повеќе од 70 проценти од студентите планираат по дипломирањето да се вработат во јавната администрација, а само 8 отсто од нив изјавиле дека планираат да започнат свои бизниси.“

Корисен и поттикнувачки проект

Гадаф Реџепи, експерт за економика на претпријатијата од Штуловиот универзитет, смета дека е „позитивно тоа што и во Македонија започна да му се придава значење на претприемачкиот дух меѓу младите“, дополнувајќи: „Додека за речиси секој студент на Универзитетот Харвард, во САД, цел е да стане сопственик на бизнис, само 8 отсто од младите луѓе во Македонија сакаат да го сторат тоа. Ова е многу загрижувачки показател и треба државата многу да поработи на менување на пристапот на кој младите мислат. Желбата на младите да работат во јавна администрација, а не да отвораат свои бизниси, произлегува од севкупната клима создадена во последниве дваесет години.“

Марија Зарезанкова – Потевска, експерт за претприемништво од ФОН – универзитетот во Скопје, коментира: „Повикот на Министерството за економија за организирање на натпревари ’Биди перспективен, започни свој бизнис’ е корисен и поттикнувачки за сите млади луѓе, кои имаат веќе утврдена идеја за реализирање. Во тој момент тие може и да ја остварат. Но, ова е само техничката страна на претприемништвото, односно, на процесот на самовработување, за кој е потребна дополнителна помош и поддршка во вид на совети, истражувања итн. Овој процес на организирање натпревари, разни обуки и активности во областа на претприемачкото размислување и дејствување е потребно да биде постојан и долготраен, а не стихиен, и непостојан.“

Годинава за Агенцијата за претприемништво, како и за реализација на програмата за поддршка на претприемништвото, во која спаѓаат и активностите насочени кон младите претприемачи, се обезбедени вкупно 190 илјади евра. Во овој контекст Реџепи е категоричен: „И оние 8 проценти од младите што сакаат да отворат сопствен бизнис, ќе имаат проблеми, пред се, поради парите, кои им се многу потребни на почеток. Овој проект на Министерството за економија сигурно дека ќе помогне, но е далеку од тоа сериозно ќе влијае врз подобрување на состојбата. Финансиските потреби на овие луѓе се многу поголеми. Во светот постојат инвестициони фондови, кои би биле одлично решение на проблемот поврзан за финансиите на младите претприемачи и во Македонија. Се надевам дека ќе има многу почесто вакви проекти во иднина, за да се смени начинот на размислување на младите и тие да се насочат кон создавање сопствен бизнис.“

Mazedonien Wirtschaftsminister Valon Saracini QUALITÄT
Македонскиот министер за економија Валон СараќиниФотографија: DW/A. Dimitrievska

Професорката Потевска се надоврзува: „Банките во светот го финансираат ’крупниот капитал’, но одделни програми, специјализирани фондови и банки, а особено гарантни фондови, го финансираат ’ситниот капитал“ односно младите претприемачи, новите претпријатија. Во Македонија не се изгради таков финансиски систем и се остави на приватните банки да финансираат претприемачи, кои не се подготвени да инвестираат во непознато, во нешто ново! Тоа го прават специјализираните небанкарски институции. Би било многу поефикасно, ако Македонската банка за поддршка на развојот би се профилирала како деловна банка наменета за претприемачите.

Сложен проблем

Дојче веле праша: како се коментира во Министерството за економија и натаму недоволната заинтересираност на студентите и воопшто младите во земјата за отпочнување сопствен бизнис?

Wirtschaftsministerium in Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Во писмената изјава на ова министерство во одговорот на ова прашање се истакнува: „Проблематиката на вработување и поттикнувањето на вработувањето воопшто, а посебно на младите, е сложен проблем, во врска со кој одделните институции создаваат и спроведуваат мерки за поддршка во зависност од нивните надлежности и делокругот на работење. Потребно е да се види интересот, односно, успехот од спроведувањето на секоја од двете споменати мерки за бизнисот и претприемништвото кај младите, па потоа да се продолжи со нивното спроведување, или да се извршат корегирања и дополнувања, за да се постигне ефект кај крајните корисници.“

Како и да е, барем досега се покажуваше дека младите во оваа држава не се решаваат за аплицираат со проекти за старт во сферата на бизнисот, туку дека повеќе сакаат готови работни места. Од младинските организации и асоцијации не еднаш е предупредувано дека во многу случаи скокањето во водите на претприемништвото за младите е повеќе од „деловна авантура“, поради сите проблеми и тешкотии со кои се соочуваат по основањето свои претпријатија. Останува да се види дали проектите и кампањите на Министерството за економија ќе започнат да менуваат нешто во оваа насока во 2014 година.