Полицијата трага по соучесници на убиецот од Тулуз
23 март 2012Францускиот претседател Никола Саркози најави консеквенци од последната серија смртоносни напади во Тулуз. Во нив ќе се вбројува и казнувањето на говорот на омраза преку интернет.
„Секој кој на интернет редовно ќе посетува веб страници кои пропагираат тероризам, поттикнуваат омраза и повикуваат на насилство, ќе биде казнет“, изјави Саркози.
Освен тоа, со последици мора да сметаат и сите кои ќе бидат индоктринирани во странство.
Осомничениот сериски убиец од Тулуз вчера беше убиен од снајперист со истрел во главата по жестокиот отпор кој го пружаше. Тој скокнал од прозорец на станот во кој беше забарикадиран повеќе од 30 часови, откако во него провалиле специјалните единици на полицијата.
Мерах очигледно планирал да умре со оружје во рацете.
„Ако умрам, ќе одам во рајот, ако умрете вие, ваша несреќа“, му изјавил тој на еден полицаец. Мерах повеќепати најави доброволно предавање, но на крајот го прекина контактот со полицијата.
Покрај големото количество оружје, во неговиот автомобил е пронајдена и камерата на 23-годишниот Мохамед Мерах, со која тој ги снимил седумте извршени убиства, соопшти обвинителството.
Мерах се нарекувал себе си муџахедин, божји воин, во разговорите со полицијата тврдел дека има блиски врски со Ал Каеда. Според истрагата, засега нема докази за негова припадност кон некоја позната исламистичка група.
На интернет страница блиска до Ал Каеда се појави соопштение со кое група под име „Војници на калифатот“ ја презеде одговорноста за убиствата во Франција.
Мерах, инаку, бил следен од француските тајни служби поради престојот во Авганистан и во Пакистан. Во меѓувреме се‘ погласна е критиката за недоволниот надзор над него, дотолку повеќе што тој повремено бил и во визирот на американските тајни служби - името на Мерах било на листата сомнителни терористи кои во САД не смеат да влезат во авион, поради неговата обука во камп на Ал Каеда. Безбедносни експерти го критикуваат и начинот на кој беше водена акцијата за апсење на Мерах во Тулуз.
Французинот со алжирско потекло во понеделникот (19.03) пред еврејско училиште во Тулуз уби три деца и еден наставник. Претходно, на 11-ти и на 15-ти март, тој со истото оружје во Монтабон уби тројца француски војници со мигрантско потекло.