1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата „тепа” со звук

Франк Гротелишен / Светлана Брик7 мај 2012

Веќе долго време полицијата и војската користат нова стратегија во ловот на пиратите, разбивање на демонстрациите како и во борбата против непријателските војници. Тие како оружје го користат звукот.

https://p.dw.com/p/13PEO
Фотографија: picture alliance/ZUMA Press

Воена вежба во САД. Во шумата одекнува пукотница од автоматска пушка. Одеднаш меѓу дрвјата се слуша остар, гласен звук. Војник со автоматска пушка го трга прстот од чкрапалото и ги покрива ушите за да се заштити од буката. Пукотницата стивна. Звучниот топ победи.

Akustisches Abwehrsystem LRAD 500X Flash-Galerie
Претставивање на звучниот одбранбен систем ЛРАДФотографија: picture-alliance/dpa

Таа техника се вика ЛРАД, англиска кратенка за акустични уреди со далек опсег. Наместо еден голем, вградени се повеќе мали мегафони на рамен диск. Тие испраќаат сигнал под остар агол и затоа звукот е далеку појак.

„Уредот може да се намести на нормална јачина на звукот, па дури и тогаш може добро да се слушне од 300 метри далечина. А, може да се намести и да биде погласен, па тогаш звукот достигнува и до 700 метри”, вели физичарот Јирген Алтман, експерт за небоево оружје од Техничкиот универзитет од Дортмунд.

Против демонстранти, пирати и за лов на китови

Кога се користи ЛРАД, разбирливи се дури и пораките од хеликоптерот во воздухот. А, кога предупредувањата не вродуваат со плод, може да се пристапи кон „психолошка војна” и низ мегафон да се пуштат звуци кои на луѓето им влеваат страв.

Baggerschiff Pirat X
ЛРАД е ефикасно средство во борба против пиратитеФотографија: picture-alliance/dpa

Висината на тонот се засилува и подесува на фреквенцијата на која увото е посебно чувствително. Мегафонот станува оружје. Буката е толку силна што секој и без да сака мора да ги стави прстите на ушите, за да ја ублажи болката. Тоа звучи како како авто-аларм, но гласен како млазен авион на 30 метри оддалеченост .

Звучниот топ е користен неколку пати. Во септември 2009, во Питсбург се сретнаа лидерите на Г20. За да ги разбие демонстрациите, полицијата на едно возило монтираше ЛРАД мегафон. Во Јужниот океан, јапонските бродови за лов на китови користеа звучни топови за да ги растераат друштвата за заштита на животните кои ги следеле во ловот. Така од пиратите се бранат трговските бродови и оние на крстарењата, вели Алтман:

„Тие овие мегафони ги монтирале на палубите и ги насочиле кон пиратските бродови. Изненадени и со очигледно неиздржливи болки во ушите, пиратите ги свртеле бродовите и отпловиле“, објаснува Алтман.

Морални дилеми

Сепак, звучните топови имаат и штетна последица: ако човекот предолго е изложен на звукот, ризикува трајно оштетување на слухот. Затоа тоа оружје треба внимателно да се користи, укажува Алтман.

Proteste in Georgien Ausschreitungen mit der Polizei Schallwaffe
Протестите во Грузија во 2007-ма година беа растурани со звучниот уред ЛРАДФотографија: AP

„Ако некој против други луѓе или бродови го употреби тоа оружје, а како одговор добие гласна бука и ризикува оштетување на слухот, со тоа јас немам никакви морални и етички проблеми. Но, не мислам дека би било оправдано неговото редовно користење во демонстрациите, бидејќи сигурно 10 насто од насобраните би имале трајно оштетување на слухот”, вели Алтман.

До сега при користењето на тоа оружје, најдобро се покажал ефектот на изненадување. Штом луѓето сметаат на тоа дека звучниот топ ќе биде употребен, многу е лесно да се заштити. Најобични чепчиња за уши во принцип би биле доволни човек да се заштити. Тоа е уште една од причините поради кои користењето на звучните топови би требало да стане исклучок.