Полицијата се пресмета со кувајтската опозиција
22 октомври 2012Очевидци велат дека полицијата употребила солзавец и гумени куршуми, при што, според изјави на сведоци, биле повредени повеќе лица - се споменува бројка од стотина.
„Бројот на повредените демонстранти во болницата надмина 100, откако полицијата ги нападна“, напиша на својот Твитер профил директорот на Кувајтското здружение за човекови права Мохамад ал Хумајди.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека 11 полицајци биле повредени кога демонстрантите почнале да фрлаат камења кон нив и дека полицијата дејствувала дури откако протестот станал насилен.
Повеќе десетина демонстранти исто така се уапсени, некои од нив откако се претепани, а меѓу уапсените е и поранешниот пратеник од редовите на исламистите Валид ал Табтабај.
Организаторите на протестите тврдат дека имало сто илјади демонстранти, додека независни извори јавуваат за околу 30 илјади демонстранти. На протестите под мотото „Гордоста на нацијата“ повика исламистичката и националистичка опозиција, зашто според неа, со измените во изборното право се врши фаворизирање на провладините кандидати.
Во Кувајт во декември треба да бидат одржани предвремени парламентарни избори.
ЖА/дв/дпа/ртре