1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата ги растури новите демонстрации

БГ/миа/макфакс1 август 2013

Турската полиција со солзавец и водени топови вчера ги растури демонстрациите на младите кои протестираат против политиките на владата на премиерот Ердоган

https://p.dw.com/p/19I1v
Фотографија: Reuters

Турската полиција во средата употреби солзавец и водени топови за растурање на стотина демонстранти на плоштадот Таксим во Истанбул, при што најмалку четири лица се повредени. Полицијата ги блокирала демонстрантите во фреквентна улица во близина на плоштадот Таксим за да ги спречи во поворка да му дадат поддршка на тинејџерот за кој беше објавено дека е во кома откако при безредијата од јуни беше погоден со граната за солзавец во главата.

Демонстрантите носеа пароли „Ќе издржиме додека не победиме“ и „Ова е само почеток, ќе продолжиме да се бориме“. Телевизиските снимки прикажуваа полициски возила како со водени топови ги напаѓаат демонстрантите кои се разбегуваат во блиските улици.

Она што почна како мал еколошки протест против преуредувањето на инстанбулскиот плоштад Таксим за што требаше да бидат турнати повеќе стотици стебла во блискиот парк Гези, минатиот месец прераснаа во серија жестоки протести ширум земјата против премиерот Реџеп Тајип Ердоган, кого противниците го обвинуваат за се` поголема авторитарност и протежирање на исламските конзервативни вредности.

Во тие протести, најголеми антивладини во десетгодишното владеење на Ердоган и неговата Партија на правото и развојот, загинаа пет лица, од кои еден полицаец, а повеќе од пет илјади беа повредени. Протестите ширум земјата главно замреа, но по некој изолиран протест се` уште се одржува во Истанбул и во турската престолнина Анкара.