1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичките конфликти ја јакнат демократијата

СБ/ЖА6 септември 2016

Резултатите од изборите за покраинскиот парламент на Мекленбург Предна Померанија се главна тема во германските весници. Етаблираните политички партии во Германија добија конкуренција која нема да ја снема преку ноќ...

https://p.dw.com/p/1JwWP
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-D. Gabbert

Партијата Алтернатива за Германија, АфД, во покраината Мекленбург Предна Померанија стана втора политичка сила, зад СПД, но пред ЦДУ. Во германските весници тоа е речиси единствена тема на коментарите, а поимот околу се‘ се врти е „етаблираност“. Зашто, АфД е на најдобар пат да стане „етаблирана“ партија.

Бадише нојесте нахрихтен пишува: „За Унијата ова е аларм. Бонусот на канцеларката е потрошен, шефицата на владата до пред три години беше гарант за победа на Унијата на сојузните избори, а сега само го јакне политичкиот противник, кој се шири и во нејзините редови и така удира со секира во самиот корен на ЦДУ и ЦСУ. Ќе стане ли канцеларката товар за Унијата?“

Ахенер цајтунг: „Што да прават сега етаблираните партии, за кои овој поим стана стигма? Прво, би можеле со поголема самодоверба да се однесуваат како да се етаблирани. На оваа Република добро и‘ доаѓа што има широк спектар на партии, со јасни политички разлики, кои се етаблираа како доверливи, пресметливи и пристојни. Токму оние делови на граѓанството на кои им е важна сигурноста, редот и мирот, мораат да замислат што би се случило, и на надворешно-политички и на внатрешнополитички план, ако АфД би го имала главниот збор.“

Ноје оснабрикер цајтунг: „Од начинот на кој етаблираните партии се однесуваат кон АфД се гледаат страв и ароганција. Еден пратеник изјави дека АфД е нејзините гласачи се ’посрани нацисти’. Еден припадник на Зелените рече дека Мекленбург Предна Померанија е германска покраина населена со ’најглупаво население’. Еден социјалдемократ се закани со бојкот на североисточната покраина како дестинација за годишен одмор. Проблемот е во следното: ако борбата продолжи на ваков начин, во Германија наскоро веќе нема да има каде да се патува. Рецептот мора да биде поинаков, имено, помалку надменост; тонот мора да стане пристоен.“

Либекер нахрихтен: „Алтернатива за Германија успеа да наведе 56.000 луѓе од таборот на негласачите да излезат на гласање. По некои покраински избори обично слушаме жалопојки за последователно опаѓање на излезноста со години. Сега, кога бројот гласачи ненадејно порасна, етаблираните партии се упадливо тивки. Негласачите го возвраќаат ударот.“

Тагесцајтунг: „Сетоа тоа е доста евтино: по изборите во Мекленбург Предна Померанија се фрлаше со дрва и со камења по Ангела Меркел и таа стана жртвен јарец, односно жртвена коза...Критиката е оправдана. Но, вака не се интонира дебата. Практичните прашања, како она за финансирање на интеграцијата, се туркаат настрана.“

Лајпцигер фолксцајтунг: „Можно е АфД да се етаблира во германскиот партиски систем. Претставниците на етаблираните партии би морале да се подготват за таква можност. Но, подобро би им било да не ги етикетираат членовите на АфД како антидемократи и да не се обидуваат да ги турнат во ќош...Германија се наоѓа на почеток на нова ера. Земјата се разбуди од летаргијата на раните години на Ангела Меркел и се политизира со брзо темпо. Претстојат уште поостри судири. Но, тоа нема да ја ослаби, туку ќе ја зајакне демократијата.“