1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичките затвореници се закануваат дека ќе се самозапалат

Александар Методијев/миа/афп18 октомври 2012

Дваесетина Албанци, поранешни политички затвореници, кои веќе 27-ми ден штрајкуваат со глад, се заканија деке ќе извршат колективно самозапалување пред Парламентот во Тирана.

https://p.dw.com/p/16RpL
Фотографија: DW / Aida Cama

Заканата следува по одлуката на судот во Тирана за растурање на штрајкот, што е донесена по поднесената кривична пријава од страна на полицијата, која штрајкот го смета за нелегален. Амбасадорот на ЕУ во Тирана, Еторе Секуи и Амнести интернешнл, упатија апел до Владата да ги запре екстремните мерки и да почне дијалог со штрајкувачите.

„Одлуката на Судот е погрешна. Во една држава каде што не функционира законот демократијата е мртва. Во оваа земја не постојат независни институции. Штрајкот нема да го прекинеме“, изјави Фатмир Ламај, кој во име на штрајкувачите ја кажа и заканата за колективно самозапалување пред албанскиот Парламент.

Инаку, здравствената состојба на штрајкувачите се влошува. Според лекарот Бесник Ламче, кој се грижи за нивното здравје, временските услови уште повеќе ја влошуваат нивната здравствена состојба.

Штрајкувачите, сместени во шатори, протестираат поради одложувањето на исплатата на компензацијата. Тие бараат албанската влада да им исплати по 14 евра за секој ден минат во затвор во времето на Енвер Хоџа. Ако тие не се тргнат од местото каде што штрајкуваат, тогаш нивниот протест ќе го растури полицијата.

„Дури и ако полицијата добие наредба да не отстрани, тогаш ние ќе го продолжиме протестот на друго место“, рече Скендер Туфа, портпарол на поранешните политички затвореници.

Минатата недела двајца поранешни политички затвореници се самозапалија во очај да привлечат внимание за нивниот проблем. И двајцата преживеаја, а за понатамошен третман на тешките изгореници беа пренесени во специјални клиники во Италија и Грција. Доцна синоќа со амбулантно возило кај штрајкувачите дошол Ѓерѓ Ндреца, кој прв се самозапали.

„Пред американската амбасада ќе умреме сите. Штрајкот ќе продолжи. Нема надеж ни од претседателот Нишани“, извика тој на заминување во болница, каде ќе биде на понатамошен третман.

Албанската влада проценува дека во земјата има над 11.000 поранешни политички затвореници, кои веќе добиле некаков надомест за времето минато во затвор. За време на режимот на Енвер Хоџа се убиени, испратени во затвор или, пак, во работни логори околу 100.000 Албанци.