1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичкиот дијалог мора да даде резултати

Невена Ангеловска14 февруари 2007

Македонија доби јасна порака од НАТО : напредок има, но на реформите мора уште многу да се работи. Но, генералниот секретар на НАТО Јап Де Хоп Шефер и амбасадорите на Алијансата се загрижени поради нешто друго: недостигот на политички дијалог во Македонија

https://p.dw.com/p/AbzF
Груевски сo генералниот секретар на Алијансата Шефер
Груевски сo генералниот секретар на Алијансата ШеферФотографија: DW

"Бојкотот на парламентот не е решение на проблемите. Молбата од амбасадорите не само до премиерот туку и до опозиционата партија ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети да се заложат да има сериозен политички дијалог во земјата", рече генералниот секретар на Алијансата Јап Де Хоп Шефер. Препораката од НАТО е да не се дозволи недостатокот на политички дијалог да влијае негативно врз евроинтегративните процеси. Македонскиот премиер Груевски, во Брисел настапи со истото тврдење - дијалог во Македонија има:

“Коренот на проблемот лежи уште во времето кога се договараше новата влада и кога ДУИ не ја доби ексклузивноста да биде дел од владата. Но, сепак ќе ги засилиме напорите да оствариме почести контакти и да ги решиме проблемите“,рече Груевски.

Шефер повтори дека Македонија ја има поддршката од НАТО, но мора да се продолжат реформите:

"Во летото во 2008 како што знаете ќе има самит на НАТО. Билети нема, гаранции нема, но јасно е дека сојузниците сакаат да ги стимулираат земјите аспиранти до тогаш да ги завршат потребните реформи. Тоа е нашата порака."

Груевски е свесен за задачата која му претстои:

“Свесни сме дека е ова клучна година за Македонија и дека треба да ги забрзаме реформите и успешно да ја завршиме 2007 за да им дадеме шанса на пријателите во НАТО да не поканат за членство. Свесни сме дека поголемиот дел од работите зависат од нас, и ќе се трудиме да ја завршиме нашата задача",истакна Груевски.

Неизбежно дел од разговорите била и темата Косово.

Генералниот секретар на НАТО ја осуди секоја форма на насилни демонстрации, предупредувајќи дека тоа го загрозува ионака сложениот процес на утврдување на косовскиот статус:

“Никој ниту во Белград ниту во Приштина не смее да се лаже дека насилството може да помогне во решавање на тој процес”.

Шефер нагласи дека во интерес на сите страни е да ги земат сериозно предлозите на Ахтисари.

Македонскиот премиер Никола Груевски изјави дека ги поддржува предлозите на специјалниот претставник на ОН и нагласи дека за Македонија е многу важно решението на косовскиот проблем, а особено решавањето на проблемот со границата со Косово, да се реши што побрзо.Тој истакна дека Македонија ги поддржува напорите на меѓународната заедница и ги следи своите интереси. Генерало, утврдувањето на статусот на Косово на пример би било и добар знак за инвеститорите да дојдат во регионот, бидјеќи како што рече Груевски, луѓето во Западниот Балкан живеат во тешки економски услови и имаат низок животен стандард, поради што решението ќе придонесе кон подобрување на клвалитетот на животот. Според него планот на Ахтисари е добра основа за преговори меѓу инволвираните страни.