1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичката криза во Либан се продлабочува

15 ноември 2006

Во Либан се заострува фронтот по одлуката на трибуналот во земјата да покрене процес за убиството на Рафик Харири. Коментар на Петер Филип

https://p.dw.com/p/Advn
Фуад Сињора
Фуад СињораФотографија: AP

Либанската влада одобри формирање на меѓународен суд за случајот со убиството на поранешниот премиер Рафик Харири и во моментов е само прашање на време кога ОН и либанското правосудство ќе покренат обвинение против осомничените и ќе ги изречат првите пресуди.

Премиерот Фуад Сињора изрази уверување дека повлекувањето на шестмината министри од неговиот кабинет не смее да го загрози натамошното работење на либанската влада. Според неговите зборови владата и натаму делува врз основа на законот и не го загубила легитимитетот, како што деновиве изјави претседателот Емил Лахуд. Самодовербата што ја покажува Сињора, на некој начин е изнуден оптимизам и пркос, бидејќи неговата влада во последните денови сепак се најде под притисок, така што некои граѓани веќе прогнозираат уште колку долго таа ќе опстане.

Други пак стравуваат од избивање на граѓанска војна. Повлекувањето на шестмината министри не е едноставна владина криза, туку одраз на сериозна борба за власт. Министрите, петмина шиити и еден христијанин, важат за просириски сили во оваа земја. Нивната позиција на моќ драстично се влоши по убиството на Харири во фебруари 2005 и изнуденото повлекување на сириските сили. Тие повторно добија на значење со новата војна на почетокот на минатото лето, кога Хезболах, кого го поддржуваат Сирија и Иран можеше да се спротивстави на израелските напади и со тоа да побара поголемо влијание во владата.

Хезболах досега во владата имаше само еден претставник и еден симпатизер. Сега побара една третина од министерските места а со самото тоа и малцинско блокирање при носењето одредени одлуки. Со оглед на фактот дека 40% од населението се шиити, тогаш таквото барање не е нереално. Но согласно постојните изборни закони и децениските разлики меѓу христијаните и муслиманите тоа е тешко спроведливо.

Наместо едноставно да се тежнее кон реформи на стариот систем, се бара оставка на Сињора, кој и самиот е експониран преставник на антисирискиот фронт во Либан. Неговите противници се повикуваат на соопштението, кое на пример се слушна во Берлин. Дека наводно германското учество во УНИФИЛ служи за зајакнување на безбедноста на Израел. Но всушност нивната реална цел е да ја ограничат моќта на Хезболах, а со тоа и да го спречат сириското и иранското влијание во Либан. Сињора знае дека е тоа неопходно за да се постигне мир во земјата. Наредните недели и месеци би можеле да бидат многу напнати.