1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичари, афери: Кога е моментот за оставка?

21 декември 2011

Германскиот сојузен претседател Кристијан Вулф на удар поради аферата со кредитот. Зошто политичарите повторуваат исти грешки? Им сугерираат ли советниците погрешна тактика?

https://p.dw.com/p/13XCR
Кога е време да се напише оставка?Фотографија: Fotolia/Tombaky

Германскиот Сојузен претседател Кристијан Вулф е под притисок откако е обелоденето дека наводно од сопругата на еден преприемач добил кредит од половина милион евра, под поволни услови. Освен тоа, Вулф шест години одел на одмор на Мајорка во вили на германски бизнисмени, а еден од нив му платил и реклама за книга, што сегашниот претседател ја издал во времето додека беше покраински премиер на Долна Саксонија. Како на актуелните прекори на сметка на Вулф гледа Михаел Филип, историчар и автор на книгата „Лично немам што да си префрлам: политички оставки во Германија од 1950 до денес“, во која истражува 250 случаи на оставки на врвни германски политичари?

„Тој погрешно направи две работи: како покраински премиер воспостави една не многу умешна блискост со претприемачи, што е изразено и преку тој кредит и летувањата во вилите на претприемачите, а тука е и неговиот многу невешт кризен менаџмент. Ако се истражат оставките на сојузните политичари, ќе се констатира дека честопати лошиот кризен менаџмент е фактичка причина за оставката“, вели Михаел Филип.

Сметаат ли политичарите дека новинарите се глупави?

На прашањето - зошто политичарите не ја изнесат веднаш целата вистина и не се извинат - со што може да се надмине проблемот, зошто признанијата доаѓаат исецкано, дел по дел, Михаел Филип за ДВ вели:

Bundespräsident Wulff Köhler Vereidigung
Вулф (л.) и Келер (д.) во Бундестагот (архива)Фотографија: AP

„Таа ’салама-тактика‘ е навистина многу распространета. Има многу причини зошто политичарите се лошо советувани или го пропуштаат вистинскиот момент. Многупати станува збор за губење на чувство за реалност, или во прашање е себепреценување, или пак и впечатокот дека ќе може да се одбрани од прекорите, без конкретно да впушта во тоа“.

Претходниот Сојузен претседател Хорст Келер поднесе оставка, сега изби аферата со Вулф. Колку тоа и’ наштети на највисоката функција во државата?

„Од актуелниов случај секако страда функцијата на Сојузниот претседател. Тој треба да се издигне над дневно-актуелните судири и не треба да дозволи со своето погрешно или сомнително однесување да мора да се впушта во такви дискусии. Според досега познатото, господин Вулф не го прекршил правото. Побргу е прашање на политичка пристојност или умешност дали да се прифатат или не тие летувања, или кредитот. Тоа е прашање на морална оцена. Тој уште како покраински премиер требаше отворено да зборува за кредитот, а не да остави впечаток како да има нешто за прикривање. Неговите почетни реакции сега предизвикуваат впечаток дека нешто не било како што треба и дека тука има нешто за прикривање“.

Дали ново откритие би било капка што ќе ја прелее чашата?

„Релативно често е така. Оставките имаат сопствена динамика. Честопати деманти од некој политичар поттикнува натамошни истражувања, од кои произлегуваат нови моменти и настанува ситуација да се каже ’сега е доста, чашата се прелеа‘. Но, Сојузниот претседател не е избран од народот. Фактичка причина што некој политичар би го натерала на оставка е неговата партија, стравот од негативни влијанија за неа на наредните избори. Тој фактор не важи кога е во прашање Сојузниот претседател“, вели Михаел Филип.

Symbolbild Wasser
Кога чашата се прелева?Фотографија: dpa

Во фудбалот, на пример, кога медиумите и навивачите ќе го постават прашањето за смена на тренерот, тој најчесто веќе е и отпишан и набргу следува отказ. Може ли во политиката воопшто да се закочи таквиот механизам?

„Кај политичарите што се активни во партиските случувања - министри, покраински премиери - тој механизам тешко се контролира. Кај Сојузниот претседател е поинаку. Навистина, населението е иритирано, што и медиумите го пренесуваат - делумно дури и го зголемуваат. Па сепак, мислам дека ако господин Вулф поседува издржливост - а според неговите сегашни изјави така изгледа - тогаш никој не ќе може да го повлече. Да беше министер, би било поинаку“, вели за Дојче веле историчарот и публицист, Михаел Филип.

Автор: Тобијас Елмајер / Зоран Јордановски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска