1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Политиката не ме интересира!“

23 мај 2011

Довербата на младите кон политичките партии е на многу ниско ниво. Интересот за актуелната изборна кампања - исто така! Ова се резултатите од анкетата на Дојче веле.

https://p.dw.com/p/11LZP
Фотографија: Petr Stojanovski

„Па искрено, не следам многу, не сум ни политички определена, никогаш не сум била, а до сега не сум била ни на гласање, иако имам право на глас веќе 5 години“.

„Не сакам политика, ниту политичари!“

„Многу слабо следам, бидејќи многу лажат.“

„Буквално ни 5 отсто не сме заинтересирани за политика, бидејќи кај нас нема вистинска политика и политичка партија која може да придонесе нешто за народот.“

„Колку сме заинтересирани? Да ви кажам право нервозни сме со оваа политика.“

„Следам, ама не многу, особено не во овој период кога бомбардираат со изборни кампањи.“

„Не ме интересираат!“

„За политика не сум заинтересиран воопшто, бидејќи мислам дека нема фајде во нашава ситуација.“

Незаинтересираност и за кампањата

На прашањето, колку ја следат предизборната кампања што е во тек, младите одговараат:

Gegen Gewalt an Schulen
Фотографија: DW

„Па искрено не сум заинтересирана, затоа што навистина сеедно ми е кој ќе дојде на власт, дали ќе бидат претходните или пак други, ништо нема да се промени кај нас“.

„Не, не сум заинтересиран!“

„Ги слушам ама не излегувам. Во мојата фамилија сме 25 луѓе и одлучивме да не излеземе на овие избори. Апсолутно не не’ интересираат!“

„Не премногу. Ни оваа година нема да прочитам ниту еден отчет, ниту една изборна програма. Сметам дека тоа е губење време. Не можам да седам и да читам програми.“

Промени во образовниот систем

Во студијата, што ја направи Младински образовен форум, дел е посветен на интересот на младите за политиката. Резултатите покажуваат дека политиката премногу не ги привлекува. Во истражувањето биле анкетирани 3.607 средношколци од 13 градови. Во изработката на студијата беше вклучен Мартин Галевски:

„Еден од индикаторите зошто младите не се заинтересирани за политиката и за гласањето е фактот што 50 проценти од нив одговориле дека немаат предмет на училише во кои дискутираат за актуелни политички теми. Тоа ни кажува дека треба да се промени и образовниот систем и да ги направи средношколците активни граѓани. Исто така се покажа дека средношколците не посетиле институција за време на нивното средношколско образование, не учествувале во јавни дебати и со тоа практично не се продуцираат активни, општествено одговорни граѓани“.

Stereotypes in Macedonia
Фотографија: DW

Говорот на бројките

Сликата за вклученоста на младите во политиката од еден друг аспект. Се обидовме да дојдеме до податоци колкаво е членството на младите во водечките политички партии во Македонија. Ова се бројките кои ги добивме од канцелариите на партиите. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека членството е над 40.000, од СДСМ околу 15 илјади со напомена дека оваа бројка е ориентациона. Социјалистичката партија исто така е со членство од 15 илјади млади, од ЛДП велат дека имаат 3 илјади членови од кои 1.300 се активни, а во НСДП 700. Заводот за статистика нема прецизни податоци за членството на младите во партиите, а невладината МОФ наскоро ќе започне да истражува на оваа тема.

Автор: Владимир Калински

Редактор: Горан Чутаноски