Полесно до виза
19 септември 2007”Упатена е порака пред се‘ до граѓаните, а не до владите“, изјави во Брисел евро-комесарот за правда Франко Фратини, додавајќи: ”Со потпишувањето на договорот направен е важен политички чекор на патот кон поблиска соработка меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан во многу чувствителната сфера – миграции и слобода на движење. Спроведувањето на овој договор и опипливиот напредок на подрачјето на правосудството, слободата и безбедноста на комисијата ќе и‘ овозможи да почне структурен дијалог за можното ослободување од визи во иднина за граѓаните на земјите од Западниот Балкан.”
Оли Рен, задолжен во Европската комисија за проширување на унијата порача дека договорите се натамошен доказ за ангажман на ЕУ која на регионот му нуди европска перспектива.
Од олеснувањето профитираат многу категории граѓани
Македонската министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, која стави потпис на договорот од македонска страна, за Дојче веле изјави: ”Она што го содржат спогодбите, а што е од полза за македонските граѓани се низа олеснувања, во смисла на поедноставни процедури, подолготрајни визи, полиберален пристап при одобрување на визите за определени категории граѓани – тука се опфатени ученици, студенти, научни и културни работници, спортисти, стопанственици, луѓето кои патуваат за туристички цели и.т.н. Потоа, овозможено е да се добијат повеќекратни визи со важност и до пет години, за постојани членови на официјални делегации на пример, новинари, претставници на верски заедници и.т.н ”
Што следува?
Потпишувањето на договорот за визно олеснување е важен чекор кон патување без визи. Еврокомесарот Фратини на земјите од Балканот им порача: ”Сега зависи од вас, зависи од подобрувањето во сферата на безбедноста, контролата на андворешните граници, заштита од фалсификување и од воведувањето биометриски пасоши. Сите овие елементи имаат важна улога за граѓаните кога ќе се разговара за тоа дали и натаму да се либерализира визниот режим.”
Новите правила, по вчерашното потпишување на договорот во Брисел, сега треба да бидат одобрени и од страна на Европскиот парламент и да бидат ратификувани од 25-те земји членки на унијата. Новите правила за визите за граѓаните од државите на Западниот Балкан имаат намера да ги преземат и Норвешка и Исланд, кои инаку не се членки на ЕУ.