1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Позитивни оценки но без конкретни ветувања

9 мај 2007

НАТО позитивно го оценува напредокот на Македонија но не може да даде гаранција дали земјата во 2008 година ќе добие покана за членство во Алијансата.

https://p.dw.com/p/AbxF
Јаап де Хоп Шефер
Јаап де Хоп ШеферФотографија: AP

Министрите за надворешни работи и одбрана на Македонија, Антонио Милошовски и Лазар Еленовски состанокот со шефот на НАТО Јаап де Хоп Шефер и амбасадорите го напуштија со порака за продолжување на успешниот процес на реформи. Портпаролот на НАТО Џејмс Апатураи по разговорите во Брисел изјави:

“ Генералниот секретар и амбасадорите го поздравија напредокот и ја охрабрија земјата да продолжи со реформите во насока на подобрување на односите меѓу власта и опозицијата. Тука е забележан напредок и тоа е добро. Тоа е политички процес на кој сојузниците гледаат со внимателност. Потребен е натамошен напредок и во борбата против корупцијата, трговијата со луѓе и поефикасно владеење на правото“

Апатураи не сакаше да конкретизира ништо околу поканата за членство на Македонија во текот на наредната година:

“ Нема гаранции за никого, ниту една покана не е отпечатена. Но сојузниците изразија желба новите кандидати да станат членки. НАТО не е заморен од проширувањето. Сакаме нови членки, но тоа ќе се темели врз постигнатите резултати“

Министерот за надворешни работи Антонио Милошовски смета дека позитивната оценка е обврска за продолжување на реформскиот прогрес:

“Продолжување на борбата против организираниот криминал, на полето на децентрализацијата и политичкиот дијалог меѓу власта и опозицијата. Ние сме задоволни што е забележан напредокот и пристапот од страна на владата кон одрдени прашања кои се важни за опозиционите партии. Веруваме дека ова ќе резултира со успех и тоа ќе биде дополнителен аргумент Македонија да ја демонстрира зрелоста и подготвеноста за покана за членство во Алијансата“

Шефот на Алијансата Јаап де Хоп Шефер и НАТО амбасадорите позитивно ги оцениле реформите во одбраната и изразиле задоволство од учеството на земјата во странските мисии. Министерот за одбрана Лазар Еленовски изјави дека до крајот на фебруари наредната година треба да биде подготвен мини акциониот план

" Тоа е еден целосен процес во кој како општеството се движи во позитивна насока и ние треба тоа да го потврдиме и да го решиме основното прашање околу дијалогот“

На состанокот се разговарало и за организирањето на евроатлантскиот форум кој на крајот на јуни треба да се одржи во Охрид.