1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Под исто сонце“

5 јули 2009

Во Струга се одржа мултиетнички хепенинг. Околу 2000 претставници на невладиниот сектор од сите етнички заедници во Македонија порачаа „Живееме во мултиетничка средина и сме граѓани со еднакви права, можности и заштита.“

https://p.dw.com/p/IhPY
Струга беше домаќин на вториот мултиетнички хепенингФотографија: Petar Stojanovski

За Македонија мултиетничноста не е ништо ново Во ова време на отуѓеност се раѓа потребата од отворена комуникација и искреност во приодот. Владимир Милчин , првиот човек на Институтот отворено општество со радост зборува за хепенингот како начин да се види што работи оној другиот и да се срушат сите предрасуди:

„На претходниот хепенинг во Скопје, прв пат се сретнаа Македонци од Струмица и Албанци од Струга и од Кичево. Ова е еден начин , просто да се поминат извесен број километри за да се соочиш со тоа дека тој другиот не ти е непријател,туку дека и тој свири, пее и танцува и рецитира и дека у тој е љубопитен да види што прават другите. Дека ова моето е убаво , што не значи дека туѓото не е убаво. Нашите млади ги трујат дека само едното, своето, е убаво, но не е така. Светот е полн со убави работи, а и Македонија е полна со убави работи. “

Постојат многу заеднички нешта

Гоце од Кратово, Кујтим од Охрид и Сања од Тетово со својата искреност само потврдуваат дека луѓето сакаат исти нешта:

„Сите овие настапи на различните етнички заедници од фолклорот што го презентираа и тоа што може да се види на штандовите, навистина се гледа дека Македонија е богата на овој план. “

„ Сите се организираа добро. Ова е нешто оригинално на целиот Балкан.“

„Најдобро е да се дружиме со сите без разлика на вера, боја и националност. Нема ништо поубаво од дружење.“

Проблемот е кај политичарите

Schule Niko Nestor
Училиштето „Нико Нестор“, за проблемите не се виновни учениците, туку политичаритеФотографија: Petr Stojanovski

Беа одржани и две панел дискусии. Сегрегацијата во образованието по Куманово, Скопје и Тетово, сега дојде во Струга. Политичкиот аналитичар Мерсeл Биљали рече :

„ Не дека власта нема решение, туку не сака решение. А како можеле учениците со години да живеат и учат заедно, а сега не можат? Проблемот не е кај учениците, туку кај политичарите. Политичарите отвораат нивни средни приватни училишта. Со тоа практично играат валкана игра. Тоа е на штета и на граѓаните и на државата. Сегрегацијата е решение кога луѓето објективно не се поднесуваат, поради некои дивиргенти во културата. Овде не е така. Некој вештачки го наметнува конфликтот. Излегува дека треба да се сегрегира власта, а не ученците. “

Дел од учесниците на хепенингот бараа одговор на прашањето: Дали Охридскиот рамковен договор донесе подобрување на меѓуетничките односи.? Потенцирајќи дека процентот на оние кои го поддржуваат договорот кај Македонците и Албанците сега е поголем , отколку пред 8 години кога и беше потпишан, пратеникот Џеват Адеми заклучи :

„Охридскиот рамковен договор се‘ уште нема алтернатива во Македонија. Целата меѓународна заедница присутна во Македонија , сите наши пријатели и спонзори, се согласни: Охридскиот рамковен договор е филозофијата на државата Македонија. “

Универзитетскиот професор Рената Дескоска Рамковниот договор го спореди со градењето куќа :

„За мене Охридскиот рамковен догвор е темелот на една куќа . Мислам дека е несериозно кога сте ја подигнале куќата да речете, сега не ми се допаѓа, ајде одново. Тоа е трошење време, пари, се‘. Ако сме поставиле темели и ако сме се договориле дека тоа треба да биде тоа што ни треба, ќе треба да се приспособиме. Ако нон – стоп почнуваме одново, мислам дека тоа штетно ќе се одрази и врз меѓу етничките односи.“

Хепенингот втор по ред беше во организација на Институтот отворено општество, поддржан од Европската унија.


Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска