1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подем на исламските банки

Сенада Соколу/ Симе Недевски29 октомври 2013

Турција сѐ повеќе се ориентира кон исламските банки, кои согласно Коранот не земаат камати. Банкарските стручњаци велат дека секоја банка е добредојдена и оти парите не познаваат религија. Критичарите пак се загрижени...

https://p.dw.com/p/1A7pe
Фотографија: DW/A. Brenner

Исламските банки се сѐ попопуларни во Турција: Од 2006. година тој сектор годишно расте од 25 до 30 проценти. На почетокот на годината, 4 исламски банки (Bank Asya, Türkiye Finans, Kuveyt Türk i Albaraka Türk), од кои три се од земјите од Персискиот залив, имаат во Турција 900 филијали и сочинуваат 5 проценти од банкарскиот сектор во земјата.
Исламските банки работат во согласност со шеријатското право. Според Коранот, каматите се забранети, како и нивното барање така и нивното исплаќање. Поради тоа, исламските банки не можат да даваат кредити со камата. Меѓутоа, поделбата на заработката според Коранот е дозволена. Традиционалните банки пари собираат односно заработуваат преку каматите. Исламските банки тоа го прават врз основа на договорот за учество во заработката и во загубата. Со тоа банката не позајмува пари, туку учествува во трговија. И во односот со клиентите се означува како- трговски, купопродажен. Исламските банки за тоа велат „сукукс“.
„Ние сме многу блиски со нашите клиенти и точно знаеме за што се трошат нашите пари“, вели за ДВ Осман Акјуз, генерален секретар на здружението на исламски банки во Турција. „Во традоционалните банки можете да ги трошите парите од кредити за што сакате и кога сакате. Текот на парите е нетранспарентен. Кај нас банкарските сметки се партнерства. Така тие сметки можат да остварат добивка, само ако е тоа случај и со банката. Ако е банката во загуба, загубата мора да ја сноси и сметката.“

Стравот од исламизација е неоснован

Секуларните Турци стравуваат дека зголемениот број исламски банки може да доведе до зајакнување на исламизмот во земјата. АКП, партијата на премиерот Реџеп Таип Ердоган, која последните десетина години е на власт во Турција, често е критикувана поради конзервативно-исламска ориентација. Ширењето на исламскиот банкарски сектор нема ништо со исламизација, вели Акјуз. „Тоа е економија. Ние тоа го нарекуваме учество во работата, и тоа му одговара на исламскиот свет.“ Во финансиската бранша нема еврејско, христијанско или муслиманско финансирање, нагласува тој, укажувајќи на тоа дека исламските банки се активни и во не-муслимански земји. Така на пример во 2010. година „Kuveyt Türk Beteiligungsbank" отвори филијала во Манхајм, а од 2004. постои „Islamic Bank of Britain" со 4 филијали во Велика Британија.
Економистот и стопански новинар, Мустафа Сонмез смета дека исламското банкарство нема некое поголемо влијание врз еконмско-политичката состојба во Турција, поради тоа што сочинува само 5 проценти од банкарскиот сектор во земјата. „На Турција и‘ е неопходен странски капитал, без разлика дали тој доаѓа од христијанска или исламска страна. Таа секако сака да профитира од тоа што е исламска земја и целно се осврнува кон земјите кои имаат петро-долари (пари заработени од продажба на нафта) со намера да ги наведе да инвестираат во Турција“, вели Сонмез за ДВ.

Mustafa Sönmez Ökonom und Wirtschaftsjournalist
Економистот и стопански новинар, Мустафа СонмезФотографија: privat
Osman Akyüz Beteiligungsbanken Islamic Banking
Осман Акјуз, генерален секретар на здружението на исламски банки во ТурцијаФотографија: DW/S. Sokollu