1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Подемот на Ал Каеда во Јемен

Диана Ходали/ Симе Недевски9 август 2013

Еден огранок на Ал Каеда на Арапскиот полуостров станува се’ посилен. Станува збор за огранокот на терористичката мрежа во Јемен, на чие чело е Насер ал-Вухаиши, поранешна десна рака на Осама Бин Ладен.

https://p.dw.com/p/19MZo
Насер ал-ВухаишиФотографија: picture-alliance/dpa

Германската амбасада во градот Санаа во вторникот (06.08.2013.) требаше да биде повторно отворена. Но, вратите останаа затворени, и до кога ќе останат затворени не се знае. „Тоа е нашата проценка, која се темели на советите од САД“, објасни еден портпарол од Министерството за надворешни работи. САД поради можни терористички напади затвори 22 свои амбасади и конзулати од северна Африка до јужна Азија. Состојбата во Јемен е оценета како особено опасна: државјаните на САД и на Велика Британија веќе ја напуштија земјата.
Според наводите на американскиот весник Њујорк Тајмс, САД започнаа со вакквите безбедносни мерки поради снимениот разговор меѓу шефот на Ал Каеда Ајман ал-Завахири и шефот на Ал Каеда на Арапскиот полуостров (АКАП) Насер ал-Вухаиши (насловна фотографија). Во тој разговор се искажани „најконкретни и најуверливи закани, какви не сум слушнал од терористичките напади на 11. септември 2001.“, рече претседателот на Комитетот за безбедност на татковината во американскиот Претставнички дом, Мајкл Мек Каул .

Ал Каеда ги искористи немирите во Јемен

Уште пред да започнат арапските револуции во 2011 година, Ал Каеда беше активна во Јемен. Но, оваа терористичка организација ја искористи ситуацијата во земјата, која по избувнувањето на јеменската револуција беше обележана со хаос и внатрешни немири, и засилено го корисеше тоа подрачје како место за повлекување. Јемен е најсиромашната арапска земја. Повеќе од половината Јеменци живеат со помалку од 2 долари дневно, околу 30 проценти од населението е невработено. „Јемен поради тоа е идеално место за Ал Каеда“, вели Гинтер Мајер од Центарот за истражување на арапскиот свет во Мајнц.

Има многу непристапни подрачја, кои обезбедуваат одлични засолништа. Во многу делови на земјата преодната влада, на чело со Абед Рабо Мансур Хадием, нема речиси никава власт: шиитските бунтовници на северот на земјата веќе со години се борат против војската, додека сепаратистите на некогаш комунистичкиот југ, бараат отцепување од северен Јемен.
Оваа ситуација, особено на југот на земјата, Ал Каеда пред 2 години ја искорити за да го прошири подрачјето на своето влијание. Но, оваа терористичка организација мораше да се повлече од некои подрачја поради постојаните американски напади со беспилотни летала во текот на изминатите 18 месеци,во кои се убиени најмалку 17 водечки луѓе на Ал Каеда.

Ал-Вухаиши- човек одговорен за нападите

Треиторијално Ал Каеда беше во загуба: „Од друга страна со помош на Насер ал-Вухаиши, кој се смета за харизматичен џихадист, добро воено се организираа“, вели стручњакот за Блискиот Исток Гинтер Мајер. Благодарејќи на него АКАП се' уште се смета за најопасен огранок на Ал Каеда.
Насер ал-Вухаиши беше приватен секретар на Бин Ладен во Авганистан, во 2001. мораше да побегне во Иран, од каде во 2003. е испорачан во Јемен, каде е уапсен. Во затворот во главниот град Санаа во 2006. дојде до масовно бегство, меѓу избеганите беше и Ал-Вухаиши. Поради добрите врски со Бин Ладен набрзо доби водечка позиција во оганизацијата АКАП, која е создадена во 2009. со спојување на јеменските и саудиските ограноци.
Во наредните години јеменските терористи со своите планирани напади привлекоа внимание. Нигерискиот „бомбаш“ Фарук Абдулмуталаб кон крајот на 2009. во текот на трансатланскиот лет сакаше да активира бомба, која ја сокрил во долната облека. Тој е обучен и наоружен во Јемен. Во ноември 2010. организацијата превзеде одговорност за поставување на пакетот со бомба во товарниот авион на УПС, кој се сруши 2 месеца порано.

Годишнините повод за напади?

„Испораките на оружје, кои стигнуваат преку источна Африка, добро ги обезбедија со вооружување терористите во Јемен“, вели Гинтер Мајер. Освен тоа наводно шефот на Ал Каеда, Завахири, за кој се сомнева дека веќе 3 години живее во пакистанското подземје, го прогласи Ал-Вухаиши за втор човек на Ал Каеда, а со тоа и одговорен за планирање на напади против Запад. Завахири е и натаму на чело на организацијата, но за случувањата на лице место сега е одговорен Ал-Вухаиши, вели Мајер.

Според информациите кои ги поседува портпаролот на германската владејачка партиска коалиција на Христијанско-демократската и на Христијанско-социјалната унија, Филип Мисфелдер, стручњаците се сомневаат дека внатре во Ал Каеда се води некој вид игра на моќ со натпревар кој побрзо ќе го изведе следниот голем напад на Запад. А тоа би можело да се случи наредните неколку недели, се сомневаат стручњаците: имено, се приближува првата годишнина од нападот врз американската амбасада во Бенгази, кога е убиен дипломатот Крис Стивенс, како и годишнината од нападите врз САД на 11. септември 2001.
Во САД поради тоа се започнати расправи околу тоа во амбасадите да се засили безбедноста со помош на американски војници. Политичарот Филип Мисфелдер смета дека тоа не е добра идеја. „Војниците тогаш би можеле да бидат цел на нападите“, вели тој. Сигурноста во амбасадите е важна, но претерувањето би можело да има спротивен ефект.

Jemen Munitionsdepot fliegt in die Luft bei Saana Al Kaida
Фотографија: MOHAMMED HUWAIS/AFP/Getty Images
Deutsche Botschaft Jemen Archiv
Германската амбасада во ЈеменФотографија: picture-alliance/dpa