1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повреда на уставот или политички цинизам !?

Костадин Делимитов3 октомври 2012

Последниот јавен настап на министерот Бесими и неговиот говор на албански јазик, парфалелно со македонскиот. Дали Бесими со своите настапи дејствува надвор од уставните рамки? Експертите различно толкуваат...

https://p.dw.com/p/16J91
Фотографија: MIA

Уставот на Република Македонија го утврдува, но стриктно не го забранува правото на употреба на албанскиот јазик како втор службен во земјата. По настапот на министерот за одбрана Фатмир Бесими пред воените питомци во Скопје кој во говорот покрај македонскиот го употреби и албанскиот јазик, експертите толкуваат од различен агол. Според универзитетскиот професор Тања Каракамишева во Уставот јасно е наведено дека на целата територија службен јазик е македонскиот и неговото кирилично писмо, а друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните исто така е службен но единствено во комуникација со државните органи на локално ниво:

„Точно и децидно е наведено во кои случаи може да се употребува албанскиот јазик. Во овој случај, во армијата, тоа не може да биде така затоа што ниту во законот за употреба на јазиците, друг јазик што го употребуваат најмалку 20% од граѓаните стои децидно дека албанскиот јазик може да се употребува како службен јазик, ниту во законот за одбрана не е ставена таква можност, што значи дека имплицитно и експлицитно се применува ставот еден од амандманот пет од Уставот на РМ“, смета Каракамишева.

Попозитивно и попрагматично толкување на уставот

Универзитетскиот професор и поранешен член на Уставниот суд Бајрам Положани пак прашањето повеќе го гледа од аспект на политички цинизам, отколку за уставно правно прашање. Бесими според него не направил повреда на уставот:

Der mazedonische Verteidigungsminister Fatmir Besimi
Фотографија: M.I.

„Во уставот пак имате темелна вредност, членот осум кој вели дека се што со устав не е забрането и ограничено е допуштено и слободно. Никаде не е забрането еден министер кој се служи со повеќе јазици кога настапува покрај македонскиот јазик да се обрати да дообјасни или разјасни во каква било пригода или можност едно службено прашање на повеќе јазици. Наместо да е тоа придобивка, овде се гледа редуцирано, што потоа иритира други барања за проширување на уставот заради нормативно доуредување, допрецизирање. Се оди на едно нормативно распарчување и декадизирање на нештата наместо со позитивна енергија и попрагматично, пореално толкување“, смета Положани.

Последниот настап на Бесими дополнително ги затегна односите меѓу министерот за одбрана и началникот на Генералштабот на АРМ, генерал мајор Горанчо Котески, по претходните конфронтации околу промоцијата на Белата книга за одбраната и на албански јазик и случајот Слупчане.