Повлечи-потегни околу преговорите за иранската атомска програма
9 април 2012Новата рунда преговори меѓу шесте светски сили и Иран околу спорната нуклеарна програма на Техеран ќе се одржат кон крајот на оваа недела во Истанбул, потврдено е во седиштето на ЕУ.
„Се договоривме преговорите да се одржат на 14 април во Истанбул“, изјави портпаролот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон.
Во ЕУ изразуваат надеж дека за време на преговорите меѓу петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН (САД, Франција, Русија, Кина , Велика Британија) и Германија од една и Иран од другастрана ќе се создадат услови за конкретен напредок во решавањето на повеќегодишниот спор.
Иран негодува
Иранскиот министер за надворешни работи Али Акбар Салехи денеска уште еднаш нагласи дека Техеран нема да се согласи светските сили да му поставуваат предуслови во пресрет на состанокот во Истанбул.
„ Поставувањето предуслови пред состанокот значи одредување на неговите заклучоци и нема да прифатиме услови кои се поставуваат пред разговорите“, изјави министерот Салехи.
Ова претставува директна реакција на информациите кои доаѓаат од САД во кои се тврди декаќе биде побарано од Техеран да го суспендира збогатувањето на ураниум и да затвори една постројка што се наоѓа под планина во градот Ком.
Салехи истакна дека делегацијата на неговата земја ќе ги игнорира овие извештаи и дека ќе ги брани своите позиции во разговорите со водечките земји од светот, кои треба да се одржат на 14 април во Истанбул.
Двете страни во последен момент постигнаа согласност преговорите да се одржат во Истанбул, иакоТехеран предлагаше тоа да биде во Багдад или некое место во Кина, во знак на протест поради тоа што Турција го осуди претседателот Башар ал Асад на неодамнешната конференција „Пријатели на Сирија“. Иран го поддржува режимот во Дамаск, кој е еден од неговите главни сојузницина Блискиот Исток.
Западот го обвинува Иран дека под плаштот на мирнодопската атомска програма тајно развива нуклеарно оружје. Иран пак, тврди дека негова единствена цел е производството на електрична енергија и медицински изотопи.