1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

040809 Fatah Parteitag

5 август 2009

Денеска (05.08.09) во Витлеем започнува вториот ден од конгресот на палестинското движење Фатах, прв по цели дваесет години.

https://p.dw.com/p/J3oj
Абас во ВитлеемФотографија: AP

На вчерашното (04.08.09) воведно обраќање на конгресот претседателот на Палестинците и лидер на Фатах, Махмуд Абас повика на нов почеток за организацијата. Фатах правеше грешки кои на изборите во 2006 година доведоа до загуби од кои профитираше радикално-исламистичката организација Хамас, изјави Абас во Витлеем.

Истовремено тој се заложи за продолжување на мировниот процес со Израел. Но доколку тој пропадне лидерот на Фатах се повика на правото на отпор: „Сакам да истакнам дека ние како палестински народ, иако се одлучивме за мир, опстојуваме на нашето исконско право за легитимен отпор, отпор кој е легитимен според меѓународното право. Нашето придржување кон мирот не ја покажува нашата неспособност, да се спротиставиме на постојаните израелски напади. Тие се прекршувања на мировниот процес.“

Logo der Fatah
Логото на Фатах

Според Абас палестинската страна е првиврзана кон овој мировен процес односно т.н „ мировна мапа“ на меѓународната заедница, но Израел не се придржува кон неговите обврски во рамките на овој мировен план. Абас меѓутоа во говорот се воздржа од остри тонови. Тој се претстави како умерен политичар и личност на интеграција. Абас истакна дека е отворен и за дијалог со Хамас, кој успеа да се наметне како најпопуларно палестинско движење, пред се’ поради корумпираноста на фунционерите од Фатах, кои долго владееја со палестинските автономни области.

Со првиот конгрес по цели дваесет години и прв што се одржува на Западниот брег, ова палестинско движење, со кое некогаш доминираше Јасер Арафат, а сега Махмуд Абас, повторно сака да биде способно да го освои мнозинството од Палестинците. Членовите на старата гарда треба да заминат, а корумпираните функционери да бидат казнети. Целта гласи: Фатах треба да има поддршка меѓу палестинското население за можните нови мировни преговори со Израел. Денеска делегатите на конгресот ќе расправаат за новата политичка програма во која меѓу другото станува збор за преговорите за решението за две држави на Блискиот Исток, но и за вооружениот отпор како средство за притисок.

Fatah hält ersten Parteitag seit 20 Jahren ab
Прв партиски конгрес на Фатах по 20 годиниФотографија: picture-alliance/ dpa

Саба Џара, член на Фатах од помладата генерација меѓутоа има задршки за тоа колку оваа програма е насочена кон подобрувањето на секојдневниот живот на Палестинците: „Сакам, моите деца да растат како децата од целиот свет. Фатах мора да понуди програми кои ќе го променат нашиот живот. За тоа би прашала, но стравувам дека нема да добијам одговор. Веројатно на тоа никој не мислел.“

Автор: Себастијан Енгелбрехт / Симе Недевски

Редактор: Алексанадра Трајковска