1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повик за брзо создавање владина коалиција во Украина

4 октомври 2007

Претседателот Виктор Јушченко вчера апелираше до трите најголеми партии да се сретнат и на мирен и демократски начин да решат кои ќе формираат владина коалиција, а кои ќе одат во опозиција.

https://p.dw.com/p/BmR5
Претседателот Виктор Јушченко при гласањето на предвремените избориФотографија: AP

И на четвртиот ден по предвремените парламентарни избори во Укрина нема конечни резултати, а уште помалку јасен победник. По пребројувањето на 99,6% од ливчињата блокот сили од портокаловата револуција води со само еден процент пред таборот на про-руските партии.

Наспроти обвинувањата за изборни манипулации во источните делови на Украина, каде е голема поддршката за про-руската партија на досегашниот премиер Виктор Јанукович, претседателот на државата Виктор Јушченко манифестираше задоволство од изборниот процес. Тој пред новинарите и‘ се приклучи на проценката на набљудувачите од ОБСЕ и оцени дека изборите биле сепак демократски. Сега нема време за натегања околу изборните манипулации, порача Јушченко обраќајќи им се на најголемите партии со следните зборови:

“Немаме право да изгубиме ниту еден час. Очекувам политичка мудрост од лидерите на Партијата на регионите, на блокот на Јулија Тимошенко, на блокот Наша Украина и блокот на Литвин, како и преземање чекори за консолидирање на земјата.“

Претседателот не се изјасни околу тоа каква влада смета дека ќе биде најдобра за Украина. Тој само аплираше до лидерите да ги заборават личните кавги и да дејствуваат во интерес на државата:

“Јас следам само една цел: од изборите треба да произлезе единствена, а не поделена Украина. Ги повикувам лидерите на политичките партии кои влегоа во новиот состав на парламентот итно да дејствуваат во национален интерес.“

Во партиските комбинаторики за формирање нова владина коалиција, блокот на Јулија Тимошенко веќе отфрли можност за создавање владина коалиција со Партијата на регионите на премиерот Виктор Јанукович. Тоа значи остануваат само две варијанти: портокалова коалиција меѓу опозициониот блок на Јулија Тимошенко и партијата Наша Русија на претседателот Виктор Јушченко или т.н. широка коалиција меѓу партијата на Јанукович со партијата на претседателот Јушченко, кои се огорчени противници.

Што се однесува до најважните задачи на новата влада, кој и да ја формира, претседателот Јушченко ги посочи уставната реформа, борбата против корупцијата, намалувањето на инфлацијата и енергетската сигурност. Токму вчера рускиот нафтен концерн Газпром побара од Украина да ги подмири долговите од околу 900 милиони евра. Во спротивно ќе има ограничување на испораките. Украина е во огромна мера зависна од испораките на руска нафта и земен гас.