1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе од 15 илјади загинати од ураганот „Наргис„

6 мај 2008

Бројот загинати во Бурма се зголеми на повеќе од 15 илјади. Само во местото Боголај на југоисток од Бурма, загинале повеќе од 10 илјади луѓе. Помошта до местата зафатени од невремето стигнува бавно.

https://p.dw.com/p/DuGf
Расчистувањето на последиците и помошта одат бавно.Фотографија: AP

По жестокиот ураган бројот на жртвите во Бурма и натаму расте. Во меѓувреме се страхува дека загинале повеќе од 15 илајди луѓе. Оваа бројка на дипломатите во Рангун им ја соопшти министерот за надворешни работи Нијан Вин. Во државните медиуми досега се зборуваше за 4 илјади загинати и за околу 3 илјади исчезнати. Размерите на катастрофата, обемот на штетите и конечниот број загинати ни оддалеку не може да се согледаат. Телефонските врски со Рангун и натаму се во прекин. Очевидци до кои стигна автсралиската телевизија, ситуацијата ја опишуваат како катастрофална:

„Најлошото се случи во раните утрински часови. Покривот на мојот хотел одлета со страшен тресок, се кршеа огромни бил-борди, паѓаа дрва, некои стари и по стотина години. Луѓето овде велат дека вакво нешто не доживеале никогаш„.

Меѓународните хуманитарни организации сметаат дека околу 2 милиона луѓе останале без покрив над главата. На повеќе стотици илјади итно им се потребни вода за пиење, храна и лекови, изјави Ричард Хорси од помошта при катастрофи во Обединетите нации.

Воената влада во Бурма во меѓувреме, побара меѓународна помош. Голем број држави понудија поддршка. Европската унија стави на располагање 2 милиона евра, германската влада 500 илјади.

Експертот за Бурма Лари Џаган изјави дека ако на луѓето не им се даде итна помош, воениот режим може да се најде во криза:

„Веќе сега има недостиг на храна. Цената на јајцата на пример, порасна за илјада проценти. Набргу ќе има недостиг на ориз и затоа владата ќе мора бргу да дејствува. Таа точно знае дека ако не го реши проблемот, тогаш неминовно ќе уследат демонстрации против владата„.

Бурмански групи во егзил ја обвинија воената влада дека не помогнала доволно бргу и дека ја спречувала работата на хуманитарните организации. Во меѓувреме станува нејасно дали во наредниот викенд ќе се одржи референдумот за уставот. Владата досега опстојуваше на планираното изјаснување за новиот устав со кој земјата би требало да се врати кон демократија.