1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе од 100 жртви на пожар во руски ноќен клуб

5 декември 2009

Во пожар што изби во еден ноќен клуб во рускиот град Перм животот го загубија најмалку 109 лица. Рускиот претседател Дмитри Медведев за понеделник прогласи ден на национална жалост.

https://p.dw.com/p/KqwK
Истражните органи пред ноќниот клуб во градот ПермФотографија: AP

Расположението меѓу гостите во ноќниот локал, што го прославуваше осумгодишниот јубилеј, било добро и опуштено, велат сведоци на настанот. Кусо пред полноќ бил организаран огномет на бината. За само неколку секунди искрите почнале да горат во таванот, што бил прекриен со пластични материи. На почетокот се’ изгледало наивно, водителот на вечерта дури правел шеги на таа сметка. Но, одеднаш просторијата се наполнила со чад, по што избила паника. Излезот за случај на пожар бил блокиран, а просторијата се наоѓа во сутерен, така што на присутните 300 до 400 гости им останала за бегство само релативно тесната влезна врата на локалот.

Оние кои успеале да се спасат од стихијата биле поцрнети од чадот, но затоа среќни што се воопшто уште живи: „Кога почна огнометот се одвои таванот, што беше од пластика, тогаш дојдоа првите огнени јазици. Да не беше маж ми покрај мене ќе ме турнеа на земја и немаше да можам да избегам. На крајот ништо не се гледаше, на секаде имаше чад“, вели една девојка.

Драматични сцени пред локалот

Најголемиот дел од жртвите се задушиле од отровните гасови. Пожарникарската служба стигна релативно на време. Пред локалот се случуваа драматични сцени. Лекарите се обидуваа да ги спасат оние кои беа повредени од огнените јазици и од отровните гасови. Кога тие не успеваа да им пружат помош доволно брзо на сите, тогаш погодените сами се организираа: „Имаше уште многу повредени, кои сепак се’ уште дишеа. Нив ги сместувавме во возилата за брза помош, но таму немаше доволно место за сите. Тогаш ги натискавме во брзата помош, како - така...“

Brandkatastrophe Stadt Perm Russland
Кордон полицајци пред локалотФотографија: AP

Дел од повредените во меѓувреме со авион се префрлени во Москва на натамошно лекување. Поголем број лица се’ уште се наоѓа во животна опасност поради силните изгореници, како и поради проблемите со дишните патишта заради отровните гасови.

Медведев бара строга казна

Сопственикот и раководителката на ноќниот клуб во меѓувреме се уапсени. Претседателот Дмитри Медведев беше веднаш информиран за несреќата, а тој упати дури тројца министри да ги координираат спасувачките активности на теренот. Во видео конференција Медведев порача дека станува збор за злостор: „Во иднина мораме да се погрижиме за тоа да се донесат соодветни закони. При вакви манифестации мора до крајност да се почитуваат одредбите од законот за заштита од пожар. Оној кој нема да се придржува до нив, ќе биде строго казнет.“

Russland / Medwedew / Zugunglück
Претседателот Дмитри МедведевФотографија: AP

Медведев најави помош за најблиските на жртвите и повредените од несреќата. Таа се смета за најтешка во целата понова историја на Русија.

Автор: Херман Краузе/Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски