1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќе контрола при донирањето органи?

АТ/ дпа/ афп/ дпа21 јули 2012

По скандалот со трансплантација на органи во Гетинген, во Германија се отвори дебата дали се вршат доволно контроли при донирањето органи или се потребни дополнителни проверки, по принципиот на „четири очи“.

https://p.dw.com/p/15cht
Фотографија: picture-alliance/dpa

Шефот на постојаната Комисија за трансплантација на органи во германската лекарска комора, Ханс Лилие, предлага дополнителна контролна инстанца за проверка на податоците на пациентите. Податоците за здравствената состојба на пациентите, кои чекаат на трансплантација на органи, што се испраќаат во централата на службата одговорна за посредување на донациите на органи Еуротрансплант, би требало да бидат проверени од уште еден независен лекар во лабораторија. Еуротранслант е со седиште во Холандија и е одговорна за Германија. Други експерти сметаат меѓутоа дека овој предлог е непрактичен и непотребен. Теодор Виндхорст, претседател на лекарската комора Вестфален-Липе смета дека не мора да се изврши револуција на целиот систем. Дополнителни поединечни проверки, по случаен избор, би биле доволни, смета тој.

Експертот за здравствени прашања од редовите на ЦДУ Јенс Шпан се заложи за построги казни: „Би морало да постои можност да биде одземена и дозволата за работа“, изјави Шпан за дневниот весник „Рур Нахрихтен“. Нетранспарентноста и долга дискусија за нерегуларности, како што е случајот од Гетинген, според него, негативно се одразуваат врз подготвеноста за донација на органи.

Најмалку 25 сомнителни случаи

Дебатата ја предизвика истрагата против еден поранешен главен лекар на универзитетската клиника во Гетинген. Тој е осомничен дека ја манипулирал болничката слика на пациентите, за одредени болни за пари да добијат предност при трансплантација на дониран црн дроб. Постои сомневање дека биле манипулирани лабораториските извештаи и фалсификувани протоколите од дијализата, за на пример, покрај заболувањето на црниот дроб, да се инсценираат проблеми и со бубрезите. Имено, колку е потешка здравствената состојба на пациентот, се подобрува неговата позиција на листата за чекање, која е релевантна за доделување на дониран орган. Во рамките на досегашната истрага се откриени 25 сомнителни случаи.