1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа што не предизвика еуфорија...

4 јуни 2007

.... но ја доведе Германија на чекор до обезбедување учество на наредното Европско фудбалско првенство. Силен отпор на Сан Марино во првото полувреме

https://p.dw.com/p/Ao41
Двоен стрелец: Марио ГомесФотографија: AP

Германија ја постигна очекуваната висока победа над Сан Марино во квалификациите за наредното Европско фудбалско првенство, но беше далеку од посакуваниот рекорден резултат. 6 спрема 0 изгледа скромно и во однос на оние 13 спрема 0 со истиот противник, што Германците го постигнаа претходно како гости. Во Нирнберг, всушност, дури во второто полувреме работите го добија очекуваниот тек, и тоа откако и онака слабиот противник остана и со играч помалку со исклучувањето на Симончини.

Цело полувреме аматерите од мини-државичката одржуваа 0 спрема 0. Во последните моменти на првото полувреме Курањи сепак ја затресе мрежата. Во вториот дел за само 15 минути – во периодот од 52-та до 67-та минута – уследи серија од пет голови: прво Јансен, потоа Фрингс од пенал, па два погодока на штотуку влезениот Гомес и на крајот во листата на стрелците се запиша и Фриц.

Една ваква победа, разбирливо, не предизвикува еуфорија кај актерите, иако атмосферата на исполнетиот стадион во Нирнберг на моменти беше како од минатогодишното светско првенство. “Едноставно, премногу сакавме. Веројатно и не игравме како на последните натпревари. Но, играчите на Сан Марино беа ориентирани само на одбрана и да не примат гол, па тоа ни ја отежна работата. Врз основа на второто полувреме мислам дека сепак одигравме добар натпревар” – оцени Торстен Фрингс.

Наместо забелешки, Марсел Јансен ги нагласи позитивните моменти: “Дали три или шест нула – важно повторно победивме. Посебно ме радува дека повторно настапија повеќемина играчи и што Марио Гомес по повредата се врати со два гола – тоа е најважното”.

Гомес го сврте вниманието и со велемајсторскиот втор гол, постигнат со удар со петата. “Тренерот рече дека треба да се здобиеме со самодоверба за натпреварот во среда. Јас бев полн со самодоверба уште кога дојдов овде, сега имам уште повеќе. Инаку, топките некако сами ми доаѓаа пред нога, како кај првиот гол” – рече Гомес.

Натпреварот требаше и на Мирослав Клозе, најдобриот стрелец од светското првенство, да му помогне да ја надмине голгетерската криза. Но, тој не успеа да ја затресе мрежата. Сојузниот тренер Јоахим Лев има разбирање: “Мислам дека секој напаѓач кога и да е проаѓа низ една ваква фаза, како сега Клозе. Секако, тој малку заостанува со формата, но неговите квалитети се неспорни и поради тоа мораме да му помогнеме да ја надмине оваа состојба”.

Самиот Клозе верува дека е близу крајот на посниот период: “Мислам дека веќе в среда ќе се покаже оти сум во форма и сакам в среда да постигнам гол”.

По киксот на Чесите, кои на гостувањето кај Велс одиграа само 0 спрема 0, Германија води во групата со 16 бодови, два повеќе од чешка, а притоа и со натпревар помалку. Ако в среда во средбата со Словачка во Хамбург Германците забележат победа, практично ќе го обезбедат учеството на Европското првенство.