Победа на животот над смртта
4 април 2010„Христос воскресна ! Навистина воскресна !“ Ова е вообичаениот поздрав меѓу православните што се слуша со векови за Велигден и со кој по традиција тие ќе се поздравуваат се‘ до Спасовден. Велигден е празник на љубовта и мирот. За христијаните, Велигден е триумф на животот над смртта и доброто над злото. Ден кога Исус Христос воскреснал од мртвите по неговата смрт со распнување, и ја докажал божествената моќ. Годинава Велигден заедно го слават и православните и католиците.
Велигден му дава смисла на постоењето на човекот
Поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија г. г. Стефан на верниците им порача :
„Денеска е денот што му даде значење на нашето постоење, денот што го оправдува нашето создавање. Во тој настан се исполниле сите надежи, се објасниле сите маки и страдања. Со воскресението на Христос спасителот осознаена е иднината, осмислено е минатото и разбрана е сегашноста.“
Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан Воскресната литургија ја одржа во Соборниот храм „Св. Климент Охридски “ во Скопје. Од Католичката црква „Пресвето срце Исусово “ бискупот скопски Киро Стојаноски честитајќи го Велигден рече:
„Каменот поместен од Исусовиот гроб сведочи дека вистината не зависи од луѓето, ниту од бројот на оние кои ја сметаат за вистина. И кога е надгласана и замолкната, вистината не престанува да биде вистина. Неговото воскресение не повикува на подготвеност за умирање на сопствената себичност и времените интереси.“
Убаво е што Велигден заедно го слават православните и католиците
Православните храмови се преполни. Митрополитот Тимотеј богослужбата ја одржа на Плаошник
Во Охрид и во католичката црква „Св. Кирил и Методиј “ беше дочекан најрадосниот миг кај христијаните – Воскресението Христово. Невија е од Хрватска живее во Скопје, а во Охрид го дочека Велигден:
„Многу е убаво што славиме заедно. Го славиме заедно со семејството и пријателите. Бог и природата го споија празникот како еден Бог, една вера за сите. Католиците и православните, сите заедно. Човек сам ништо не може да слави “.
Мирко е средовечен Охриѓанец.Тој се радува што народот и‘ се враќа на црквата и потсетува на заедништвото меѓу луѓето кое полека исчезнува.
„Гледам многу млад свет. Во минатото ги немаше. Тогаш ги немаше и средовечните, само старите беа по црквите. Порано, не знам дали и денеска е така, во некои села сите заедно со песна и игра и заеднички ручек го славеле празникот.“
Охрид и овој Велигден ги отвори храмовите за верниците не само од Македонија, туку и од Бугарија и Грција. Грците ја пропуштија Прочка, ама за Велигден ги има околу 1000 по хотелите.
И покрај кризата, во секој христијански дом на трпезата има од се‘ по нешто. Велигден е најголемиот христијански празник. Тој е можност за посета на најблиските, пријателите. Црвеното јајце се разменува, ама им се дава и на лицата од друга вероисповед. Велигден значи и почеток на нов циклус будење на природата и новиот живот.
Автор: Милчо Јованоски
Редактор: Жана Ацеска