1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа на Баерн, пораз на Вердер

15 септември 2005

Без поголеми изненадувања на втората вечер од фудбалската Лига на шампионите

https://p.dw.com/p/AekU
Вердер поразен од Барселона
Вердер поразен од БарселонаФотографија: AP

Баерн Минхен во Виена не прикажа голема партија и среќно дојде до победа против Рапид со 1 спрема 0 во натпреварот од А-групата. Гереро, во еден од двата клучни момента на средбата, се сплетка во 60-тата минута на еден метар од гол линијата, па сепак топката се одби од него и некако се стркала во голот. Во 82-та минута играчот на Рапид Валаховиќ не реализира пенал, промашувајќи го голот на Баерн.

Текот на настаните на натпреварот беа повод за претседателот на клубот Карл-Ханјц Румениге на банкетот потоа да изјави: „Сосем свесно би сакал денеска, во часот на успехот, да предупредам на тоа дека ние станавме малку премногу самозадоволни. Мислам дека мораме да покажеме малку повеќе волја, ангажман и концентрација, за да не бидеме некогаш пробудени и да се лутиме поради поразот“.

Баерн, кој синоќа играше без Михаел Балак, во наредниот дуел на 27-ми овој месец дома го пречекува Бриж. Белгискиот тим синоќа на свој терен доживеа пораз од Јувентус со 2 спрема 1 и дури помина среќно со оглед на неверојатно големиот број шанси што не ги реализира тимот од Торино, пред се’ повратникот по паузата Давид Трезеге.

Вердер не успеа да направи подвиг, иако релативно добро и’ се спротивстави на славната Барселона. Поразот од 2 спрема 0 е превисок, со оглед на многубројните шанси што ги создаде гермнаскиот тим и една погодена статива. Тренерот Томас Шааф имаше прична да жали: „Мислам дека против Барселона не се доаѓа премногу често до толку многу шанси и тие се разбира мора да се искористат. Денеска секако можевме да оствариме и повеќе“.

Головите за Барселона ги постигнаа Деко во 13-тата и Роналдињо во 76-тата минута од пенал. Вердер во наредното коло од Ц-групата ќе му гостува на Панатинаикос. Тимот од Атина синоќа во италијанскиот град Удине беше поразен од Удинезе со 3 спрема 0.

Во рамките на Б-групата во Лондон Арсенал го победи швајцарскиот претставник Тун со 2 спрема 1, а во Прага Спарта и Ајакс од Амстердам играа нерешено 1 спрема 1.

Во Д-групата без победник и без голови заврши дуелот Вилјареал – Манчестер Јунајтед, а Банфика во Лисабон го победи Лил од Франција со 1 спрема 0.

Зоран Јордановски