1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Победа во Хаг - НАТО и ЕУ се‘уште недостапни!

22 декември 2011

За македонската надворешна политика во 2011-та, се‘ почнува и завршува со пресудата од Хаг. Според власта, таа е најголем дострел на македонската дипломатија, според опозицијата- безполезна одлука за внатрешна употреба.

https://p.dw.com/p/13XU2
Фотографија: Petr Stojanovski

2011 - та е уште една, шеста по ред во низата години на застој во поглед на македонскиот евроатлантски интегративен процес. Пречка и сега е спорот со Грција. Се‘ додека не се најде решение на проблемот, вратата на НАТО останува затворена за Македонија, а Европската комисија одбива да испорача датум за почеток на преговорите за членство. Може ли пресудата на судот во Хаг да го ублажи горчливото чуство на тапкање в место, ги праша Дојче веле аналитичарите.

Спорот со Грција не може да се реши на суд

Поранешниот министер за надворешни работи, Денко Малески, смета дека не треба да се очекува премногу од Хашката победа.

„Набрзо ќе се покаже дека одлуката на судот во Хаг не може да го реши проблемот. Тој не може да се реши на суд, туку со дијалог, низ преговори, отстапки, компромиси. Очигледно е дека хашката пресуда беше само еден вид моментално олеснување кое што ќе дава надежи до наредниот самит на НАТО во Чикаго напролет, ама за жал не може да го реши проблемот. НАТО брзо по одлуката реагираше и соопшти дека за нив овој проблем останува на дипломатскиот колосек“.

Владата не очекува ново грчко вето

Nikola Poposki
Министерот за надворешни работи Никола ПопоскиФотографија: DW

Очекувањата на македонската официјална политика по пресудата од Хаг се поголеми. Министерот за надворешни работи Никола Поповски вели:

„Македонија очекува Грција целосно да го почитува словото и духот на пресудата и согласно нејзините меѓународно правни обврски таа нема понатаму да го блокира постигнувањето на консензус за наше членство во НАТО. Новата Влада во Грција не покажа особена волја за ангажирање на планот на овој политички проблем, тврдејќи дека има првенствено економски мандат. Ако тоа е навистина така, не постои причина Атина да не ја почитува одлуката на судот. Секој понатамошен обид на Грција за блокирање, базиран врз спорот за името ќе претставува прекршување на меѓународното право и непочитување на одлука на меѓународниот суд на правдата“.

Македонија маргинализирана во меѓународната заедница

Нема доволно елементи за позитивна оценка на постигнувањата на македонската дипломатија во 2011-та, вели поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин.

„Мислам дека нема многу простор за самозадоволство, бидејќи Македонија и во 2011-та, како и минатата, остана маргинализирана, а нејзината надворешна политика беше доста индиферентна и анемична. Од една страна може да се каже дека меѓународната позиција на Македонија не се промени на подобро. Останува проблемот со евроатлантските интеграции. Македонија значително доцни во тој процес за разлика од останатите држави од Западен Балкан кои имаат поголем елан во интеграцијата“, вели Ружин.

Критички се оценките и на опозициските пратеници. Според Игор Ивановски од СДСМ, Македонија во 2011-та продолжила да води лоша надворешна политика, дипломатија сведена на пишување писма.

„Вие, господине министре, освен тоа што повторно ја употребувате пресудата за внатрешна употреба, не соопштивте што понатаму. Премиерот Груевски ќе пише 20 - 30 писма, вие ќе пишете 20 – 30 писма, претседателот во резерва Иванов ќе пише 20- 30 писма и тоа е тоа“, изјави Ивановски во Собранието.

Mazedonisches Parlament
Пратениците во македонскиот парламент со различни оценки за постигнатотоФотографија: Petr Stojanovski

Влатко Ѓорчев од ВМРО – ДПМНЕ возвраќа:

„Оние кои што беа најголеми скептици за поднесување на таа тужба, овие денови кога стигна пресудата беа први кои дојдоа да честитаат. И да кажат дека се согласуваат, но дека таа е безполезна за Македонија, дека пресудата нема ефект“, вели Ѓорчев.

Владата очекува деблокада на евроатлантските интеграции

Спротивно на таквите оценки власта смета дека пресудата на Хашкиот суд е најголем дострел на македонската надворешна политика. Владата очекува НАТО и ЕУ да ја земат предвид пресудата и да се деблокираат македонските евроатлантски интеграции. Дополнително, очекуваат пресудата да помогне во решавање на проблемот за името.

Кога станува збор за надворешната политика на Македонија, односно за меѓународниот углед и позиција на земјата, работите секогаш се оценуваат и мерат низ призмата на спорот со Грција. Тој и во 2012-ра година ќе биде клучниот проблем, а главен предизвик за македонската дипломатија ќе биде обидот да се деблокира интегративниот процес.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Ж.Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема