1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

150211 Iran Soldaritätsdemo

15 февруари 2011

Пратеници од иранскиот парламент побараа смртни казни за двајцата лидери на опозицијата во земјата, Мир Хосеин Мусави и Мехди Каруби. Повод за барањата се вчерашните демонстрации на приврзаниците на опозицијата.

https://p.dw.com/p/10HPP
Протести и покрај забранитеФотографија: AP

Иранската полиција денеска и официјално ја поврди смртта на едно лице при вчерашните судири меѓу демонстрантите и полицијата во Техеран. За бројот на уапсени лица, полицијата не објави никакви податоци. Како организатори на протестните собири иранските власти ја посочуваат опозициската група „Народни муџахедини“, чија централа е во соседен Ирак. Заменик-претседателот на иранската полиција Ахмад Реза Радан изјави дека народните муџахедини се платеници на САД, Велика Британија и Израел.

Catrin Ashton in Sarajevo
Кетрин Ештон бара од Техеран заштита на демонстрантитеФотографија: EU Sarajevo

Апел од ЕУ

Координаторот на европската надворешна политика Кетрин Ештон побара од официјален Техеран да го почитува правото на собирање и мирни демонстрации на иранскиот народ. ЕУ со загриженост ги следи настаните во Иран, посебно протестните собири, но и куќниот притвор за водечките опозиционери во земјата, порача Ештон. Таа во писмената изјава уште бара иранските власти да не применуваат сила против мирните демонстранти. Лидерите на опозицијата Мусави и Каруби се имено во куќен притвор уште од минатата недела, а полицијата уапси и повеќемина нивни блиски соработници. Иранската власт блокираше и повеќе интернет страници, што се сметаат за поддржувачи на опозицијата, а ги прекина и телефонските врски во делови од земјата.

Чие е демократското движење?

Власта претходно ги повика опозициските групи да им се приклучат на официјалните манифестации во знак на поддршка за демократското движење во арапските земји. Официјален Техеран протестите во Египет и Тунис ги нарекува исламска револуција по терк на онаа што се случи во Иран пред повеќе од две децении. Но, опозицијата сепак повика на одвоени демонстрации, што беа закажани за вчера, наспроти изричната забрана од власта. Уште изутрината на улиците на Техеран имаше голем број полицајци, изјави еден сведок на настаните за Дојче веле:

Mehdi Karubi , oppositioneller Reformpolitiker Iran
Мехди Каруби, реформски политичарФотографија: NoorozNews

„Бројот на милиционери е застрашувачки голем, тие очигледно регрутирале и деца, можат да се видат голем број млади момчиња дури и од по 10 или 11 години, кои седат на моторцикли со палки во рацете. И тие ги запираат минувачите и ги прашуваат каде тргнале...“

Iran Mirhossein Moussavi
Мир Хосеин МусавиФотографија: ISNA

Храбри демонстранти

Наспроти ваквиот притисок, во Техеран на повеќе места се собраа неколку десетици илјади демонстратни во помали групи. Но, кога се обидоа да формираат протестна колона, полицијата интервенираше и ги растера.

„Не можев повеќе да дишам. На улиците има уште голем број луѓе, кои извикуваат смрт на диктатурата. Милиционерите ги удираат луѓето бесмилосно со електрични палки...“, изјави постар демонстрант.

Ваквата остра интервенција уште синоќа ја критикуваше организацијата Амнести интернешенел, а еден од советниците на опозицискиот политичар Мусави ги оцени протестните собири како голем успех. „Протестното движење живее и ќе продолжиме со натамошни акции“, порача за БиБиСи Ардешир Амир Арџоманд, кој живее во Париз.

Автор: Шабнам Нуриан / Горан Чутаноски

Редактор: Жана Ацеска