1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Плодови на гневот

Керстен Книп
6 февруари 2017

Националниот фронт ја претстави својата програма за претседателските избори, најавувајќи Фрегзит. Примерот на САД ја покажува заблудата на популистите, смета Керстен Книп.

https://p.dw.com/p/2X2Sh
Frankreich Le Pen startet Wahlkampf mit Angriffen auf die EU
Фотографија: Reuters/R. Prata

Почесен гостин во Лион беше Доналд Трамп. Тој не присуствуваше лично, но неговиот дух лебдеше над партиската манифестација во јужно-францускиот град, со која десноекстремниот Национален фронт ја почна кампањата за претседателски избори во земјата. „Национален приоритет“, вети лидерката на Националниот фронт, што е всушност француска варијанта на водечкото мото на американскиот претседател Доналд Трамп.

Притоа, Марин Ле Пеннегува сосем поинаков стил од Доналд Трамп, стил на нова генерација, која темелно се разликува од суровите настапи на нејзиниот татко, основачот на партијата, Жан-Мари Ле Пен. Насмевката на Марин Ле Пен, благите движења, сериозната реторика, сето тоа е насочено кон граѓанска публика, барем делумно - успешно. 

Загрозената средна класа

Зошто? Според најлогичната теза, Марин Ле Пен им се обраќа на оние кои се чувствуваат запоставени од досегашните владејачки партии, Социјалистите исто како и Републиканците. Националниот фронт наидува на поддршка првенствено кај припадниците на средниот слој, на кои им се заканува опасност од пад на општествената скала. Значи на оние, кои и од гледиште на левичарските економисти, ги мачат основани статусни стравови. Оваа група порасна во минатите години. И Социјалистите и Републиканците се конфронтирани со обвинувањето за недоволна грижа за оваа класа.  

Се чини, гневот на широки делови од средниот слој кон политичкиот естаблишмент, има достигнато неизмерливи размери. Само така може да се објасни тоа што негови припадници се подготвени да ги фрлат во вода внатрешно и надворешно-политичките традиции, да се простат со нешта кои досега се сметаа за сржта на француското самопоимање: усидреноста во ЕУ, ангажманот во НАТО, припадноста кон западните сојузи. Културолошки, Марин Ле Пен планира свртување кон „француските вредности“.

Knipp Kersten Kommentarbild App
Керстен Книп

Точно е дека насекаде низ Европа расте незадоволството од речиси незаузданата глобализација. Селидбата на претпријатијата, финансиските шпекулации и масовните преселби се феномени кои со право влеваат страв кај луѓето, не само во Франција. 

На политички план, Европејците имаат бескрајно многу задачи пред себе. Но, ништо не зборува во прилог на тоа дека било која од државите може нив сама да ги совлада. Даночниот дампинг, кој во Лондон моментно се смета за најдобро средство, зборува сам за себе на кој начин се обидува Велика Британија да се оспособи за иднината. Исто така, и од економските врски, кои премиерката Тереза Меј  се обидува да ги склопи со автократи во Азија, се насетува дека збогувањето од европскиот континент има висока цена. И Националниот фронт планира расчистување со ЕУ. Партијата не сака реформа на ЕУ, што всушност е итно потребна, туку нејзино напуштање, што со оглед на „свенатата“ француска индустрија, е повеќе отколку храбар чекор.

Во име на одбивноста

Марин Ле Пен тврди дека зборува во името на народот. Што значи тоа, може да се види и кај Трамп. Под автентичност, тој првенствено подразбира дрскости без кочници виа Твитер. Популистичките искушенија се покажуваат во својата груба форма и во Велика Британија. Тие на пример се манифестираат преку шиканирања на небританските ЕУ-граѓани, без оглед што Велика Британија сеуште е членка на ЕУ.

И популистите од АфД во Германија пружаат најава за својата идна политичка култура, на пример кога Бјерн Хеке провоцира со изјави во врска со германската култура на национална меморија, а партијата не може или не сака да го исфрли од своите редови. Тоа што, според анкетите на јавното мислење, популарноста на АфД стагнира, е охрабрувачки знак.

Популистите во Франција и на други места тврдат дека се гласноговорници на народот. Но, во тоа не треба да им се верува. Тие зборуваат во името на незадоволните. Трамп во САД, преку укинувањето на забраната за влез во земјата за муслимани, преку масовните демонстрации, се соочува со фактот дека со популизмот не се стигнува далеку. Реалноста ги спрепнува и популистите.