1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Плитки влади во Длабока Држава

15 август 2019

„Рекет" отскокнува по квалитативно и транспартиско замешателство на ликови од партиите и повиканите за борба против криминалот. Како илустрација на подземни комшиски врски меѓу СДСМ, ВМРО и ДУИ. Колумна на Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/3NyUf
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Во приквечерието на 3 ноември 1996 година, во малото гратче Сусурлук во Турција се случи тешка сообраќајна несреќа во која мерцедес со затемнети стакла се заби во камион. Три од четирите патници во мерцедесот загинаа на лице место, преживеаниот се здоби со сериозни повреди. Таквата несреќа секако ќе беше ионака нотирана во турските медиуми. Но оваа сообраќајка ќе заврши на насловните страници на сите турски весници, ударните минутажи на сите телевизии и ќе предизвика сериозен потрес во самите темели на турската република. Поради чудниот, несекојденев спој на патници во мерцедесот– поранешен шеф на полиција во Истанбул, придружен од платен мафијашки убиец и наркотрговец, парламентарен пратеник од владејачката партија и поранешна Мис на Турција.

„Држава во држава"

Неколку дена подоцна, сообраќајната несреќа ќе прерасне во „Сусурлук скандал”, како прва конкретна и недвосмислена потврда на долго култивираниот мит за постоењето на Derin Devlet, турскиот автентичен синоним за Длабока Држава. Турскиот термин подоцна ќе стане светски познат како Deep State, омилена тема на теоретичарите на заговор и Доналд Трамп. Познат и како „држава во држава”, терминот имплицира постоење на таинствена, паралегална влада или тајна мрежа на моќ составена од истакнати ликови од воени, полициски, политички, новинарски и други структури. Со цел на одржување на државата, приватни кариерни амбиции, исполнување идеолошки цели, збогатување итн.

Во психата на теоретичарите на заговор, перцепцијата за Длабоката Држава наликува на мрачна Стенли-Кјубриковска секвенца во мрачна одаја со овална маса и заседнати бледи ликови кои кројат судбини и иднини. Но во реалноста, вистината за генезата, причината и природата за Длабоката Држава е многу побанална, поприземна, логички полесно објаснива. И прецизно дефинирана од Ник Ешдаун (канадски новинар) кој пишувајќи за „Скандалот Сусурлук" и „Аферата Егенекон" ќе заклучи дека „Длабоката Држава никогаш не била една единствена структура, туку повеќе серија на (некогаш меѓусебно спротиставени) групи кои оперираат во име на моќта и заштитени од децениски долгата култура на неказнивост”.

Сите локални карактеристики и особености настрана, ценам дека дескрипцијата на Ешдаун е најсоодтветно можната илустрација за природата, организациската структура и севкупната атмосфера поврзана со нашата домашна афера „Рекет". Симболички кажано, судирот помеѓу нашиот мерцедес (Боки) со шлеперот (Камчев) би завршил како и многу други претходни политички сообраќајки, доколку на задното седиште на мерцедесот и приколката на шлеперот не се наредеа куп обвинители, пратеници, политичари, новинари дипломати и естрадни звезди. Кои делумно засебно и апсолутно сплотено ја отлсикуваат нашата домашна Длабока Држава на корупција, на криминал, шверц-биз-бес, дрска неказнивост, но и тековниот судир на двете групации во срцето на одешната култура на  неказнивост, сега сконцентрирани во СДСМ.

„Нека виси премиерот Педро“

Во тековната приказна за „Рекет", барем едно е јасно. Дека нема невини ликови ниту жртви. Дека имињата на вистинските двигатели на скандалот се сеуште во позадина и далеку од очите на јавноста.  Таа констатација е битна за да се разбере типичната репризна патрдија на шиканирање и мобинг на Премиерот денешен, по ист терк на кој тоа се правеше претходно со Црвенковски, Груевски или Георгиевски. Таа веќе традиционална претстава на „нека виси премиерот Педро” е класична формула за персонализација на вината во чија сенка се обезбедува „регуларен трансфер на власта” на длабокодржавната неказнивост на системот и параллегалните носители на моќта. Овој фестивал на мобинг е толку одомаќен како „нормалност” што никој веќе не се запрашува како бива да покрај толку упади во безбедносните системи – ниеден шеф на разузнавање не заврши во затвор?! Како да крај толку во дим исчадени пари, ниеден гувернер на банка не е повикан барем на распит? Како среде толку финансиски скандали, ниеден банкар не е барем посочен со прст? Нивната вечна амнестија нѐ присилува на помисла дека постои некаков непишан џентлеменски договор во кој Владата му припаѓа на премиерот, но државата е во нечија друга надлежност.

Привилегија на недопирливост

Но што доколку си замислиме обратна ситуација? Онаа во која Премиерот би сносел последици како легитимно, легално и демократски избран претставник, додека сите други именувани носители на полугите на управување бидат изложени на приближно иста скрутинизација како онаа на која се подложени премиерите. Онаа во која новинарите би требало да ја објаснат молчаливоста кон банкарите и гласноста кон политичарите. Онаа во која разузнавачите ќе објаснат зошто е полесно да се прислушкува и објави разговор на премиер или министер, но е апсолутно невозможно истото да се случи со некој банкар, директор на разузнавање, па дури и еден единствен муабет на Шеќеринска, Верушевски, Пендаровски, Теута или Изет. Кој ја дефинира недопирливоста на одредени (сомнително чисти) ликови а во исто време објавува сезона на слободен лов на други (однапред стигматизирани) ликови? Одговорот на ова прашање ја дефинира природата, ги отцртува контурите и го набројува листингот на ликови вклучени во длабоко државната култура на неказнивост. На привилегијата да се биде недопирлив.

Други колумни од авторот:

Есен стигна, дуњи мои

Алките кои недостасуваат во „Рекет“

Нашата Влада лаже

Џандармедија

Затоа, по прв пат, сосема сум рамнодушен кон судбината на Заев, како премиер и како лик од споредна битност. И преокупиран со следење на ликовите кои по којзнае кој пат ќе успеат да излезат суви ко дрен од мочварата на политиката и криминалот, независно од пресудата за Заев. Нивната судбина ќе биде индикатор во кој правец ќе се движиме понатаму. Доколку опстојат, ни следи уште еден маратонски круг на задишано трчење во место. Доколку се отстранат, ќе имаме причина да се понадеваме дека на културата на неказнивост ѝ се ближи крајот.

Пиров триумф на разгаќени победници

Судбината на Заев нема да биде определена од ВМРО-ДПМНЕ, чија улога во овој час е редуцирана на експлоатација на Бихаќкиот Август на Долги Ножеви преку глумење сочувство со разочараните сдсмовци – без притоа да се обврзат на било какво идно компензативно партнерство. Оттаму и внимателниот избор на теми, цели на напади и оркестрирани напади на опозициските медиуми во кој во 90% од нападите се вперени кон Заев лично, додека пак СДСМ се споменува спорадично. Судбината на Заеве зависна од финалниот исход на неговиот судир со старите длабоко-државни, параполитички, парафинансиски структури во СДСМ.

Но како и секогаш кога е во прашање СДСМ, анти-заевистичките групировки од(околу) Бихаќка редовно пропуштаат да учат од примерите во соседството. Како што демонстрациите против Вучиќ беа популарни сѐ додека на нивно чело не застана Јеремиќ, како што протестите „Рама, тргни се” растеа сѐ додека на сцена не се појави Моника Круемади, така и гневот против Заев спласнa штом на сцена се појави ликот и потписот на Аександар Вучиќ како импромту опонент на Заев. Парадоксално, токму јавлението на Вучиќ е пелин горчливиот лек за Заев. Од проста причина што таквото вмешување ја фрла корупциската нота во втор план, додека пак геополитичкото вмешателство на Белград ја враќа на сцена нарацијата за намерно саботирање на Македонија во полза на Србија. Но вмешувањето на Вучиќ има и друга, дескриптивна природа која го отцртува дефицитот на домашни автентични ликови кои би биле понудени како супститут на Заев. И се додека е така, дури и евентуалната победа над Заев нема да биде ништо повеќе од Пиров триумф на разгаќени победници среде празен стадион. Искористени како полуга за спасување на Вучиќ пред есенските потреси во Белград, но без сила за пробив назад во Бихаќка. И на крај, во очите на меѓународната, етнички „затуцаната” ексклузивност на анти-заевистите ги соголува на најнискиот степен на вечни посткомунистички реформатори и со тоа помагаат во обликување на Заев како проблематичен но прозападен мултиетнички популист. 

Рекет" е демонстрација на збеснат систем

„Рекет" е најголемиот скандал во историјата на Македонија. Споредено со претходните квантитативно пообемни скандали ограничени во рамките на една партија, „Рекет" отскокнува по квалитативното и транспартиско замешателство на ликовите од партиите и повиканите за борба против криминалот. И уште побитно, како илустрација на подземните комши-капиџик врски помеѓу СДСМ, ВМРО и ДУИ.„Рекет" е демонстрација на збеснат систем, на цинична хипокризија на лажната антикорупција и привилегијата на гарантирана државодлабока неказнивост како врска која се провлекува низ нашите зарѓани институции, без обзир на партиските определби.

Каков ќе биде епилогот на оваа епизода од серијалот кризи кои ни се случуваат? По се судејќи, епилогот ќе биде враќање на почетната точка на обединување на општеството на онаа иста точка на сплотеност против криминалот, корупцијата и социјалната нееднаквост која беше така насилно и сурово дрско прекината од страна на Бејли и младунците жедни за привилегијата на неказнивост. Таа иста точка за која напати предупредувавме дека среде сите поделби и секташења, социјалното незадоволство е единствената спона на поврзување и сплотување на сите граѓани. Дали е тоа доволно за да се биде оптимист? Да, секако, доколку би суделе според расположението на граѓаните. Но доколку би суделе според твитовите од Кале и молкот од Брисел – не сум сосема убеден.  

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач