1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пејзажната архитектка Јохана Шпалинк-Сиверс од Хановер

2 јануари 2011

Околината во која го поминуваме времето има поголемо влијание врз животот отколку што мислиме. Тоа го вели Јохана Шпалинк-Сиверс. Таа го уредува животниот простор, каде луѓето треба да се чувствуваат пријатно.

https://p.dw.com/p/QhCV

На Јохана Шпалинк-Сиверс и‘ се допаѓа кога надвор тревата е интензивно зелена, а живата ограда уредно поткастрена. Внатре, во пространиот стан во старата зграда, белите ѕидови се украсени со шарени цртежи. Регалите се преполни со книги, семејни фотографии и мали скулптури. На средината на трпезариската маса блеска вазната со расцутени рози.

Пејзажната архитектка е уверена дека просториите влијаат врз животот на луѓето. Таа знае со вистински растенија да ја преобрази запуштената зелена површина во прекрасна градина. Најдобар пример за тоа е комплексот со висококатници во Бремен. Пред 30 години започна изградбата на населбата Остерхолц-Теневер како пилот- проект за урбано живеење на иднината. Но, повеќе години по неговиот неуспех, во бетонската населба владеело незадоволство и таа станала проблематична четврт со лош имиџ.

Gesichter Deutschlands Porträt JoSpP1
Потребни и‘ се само пет минути пеш од нејзиниот стан до новата канцеларијаФотографија: DW

Животните простории влијаат на луѓето

Во изминатите пет години Јохана Шпалинк-Сиверс постојано работела на проектот Остерхолц-Теневер. Во меѓувреме, населбата е комплетно реновирана, неколку висококатници беа урнати. Се чини дека таму сонцето повторно ќе изгрее. Поточно, од сивилото настана репрезентативен проект. Луѓето повторно сакаат да живеат таму.

Заслугата на Јохана Шпалинк-Сиверс во целиот проект е планирање и реализација на уредувањето на надворешната површина. Огноотпорните спирални скали до покривите со зеленило, подземната гаража и тревните површини пред зградите, беа нејзина идеја. Денес таа има средба со раководителот на концертите од Германската камерна филхармонија во Бремен. Тие планираат да организираат концерт под отворено небо и бараат соодветно место. „Со пејзажната архитектура не можеме да ги решиме социјалните проблеми“, вели 54-годишната Јохана. „Но, можеме, на пример, со добро уредениот надворешен простор во населбите да придонесеме кон тоа да не бидат озлогласени уште од почеток.“

Gesichter Deutschlands Porträt JoSpP2
Околината во која го поминуваме времето има поголемо влијание врз животот отколку што мислиме, вели ЈоханаФотографија: Johanna Spalink-Sievens

Многу заземена професионално и мајка на четири деца

Нејзиниот стан во Хановер е оддалечен од Бремен 100 километри. Јохана Шпалинк-Сиверс патува многу и често. Таа на нејзиниот навигациски систем ги следи упатствата како да стигне до следното одредиште некаде во северна Германија, на следната средба со деловни партнери или сопственици на куќи. Во истовреме, најрадо слуша класична музика и вести на радио.

Кога не мора да се среќава со клиенти, потребни и‘ се само пет минути пеш од нејзиниот стан до новата канцеларија. Таму, заедно со четворица вработени работи на своите визии. До неодамна Јохана работела дома.

Gesichter Deutschlands Porträt JoSpP3
На разговор за нов проектФотографија: DW

Јохана Шпалинк-Сиверс има многу таленти

Заедно со нејзиниот сопруг одгледале четири деца. За неа никогаш не било спорно тоа дека професијата и семејството мора да се усогласат: „Имам голема желба да правам нешто поинакво од обврските околу семејството и одгледувањето на децата“, раскажува таа. Тоа било изводливо само со поддршката на сопругот и бебиситерки. Но, најголем придонес има нејзиниот талент да ги усогласи професијата и семејството, а покрај тоа, еднаш неделно да најде време за пеење во еден Интернационален женски хор. „Мислам дека Јохана е жена со јасно структурирани размислувања, која знае што сака, има точно одредени конструктивни принципи врз основа на големата добродушност и разбирање“. Тоа го вели Клаус Тројан, нивен семеен пријател и пензиониран професор по архитектура на универзитетот „Лајбниц“ во Хановер. Тој е на гости кај неговата колешка и пријателка. Професорот седи во големата кујна додека Јохана Шпалинк-Сиверс подготвува вечера, може да се рече онака попатно...

Автор: Холи Фокс / Јасна Мушиќ - Јанчулева

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска