1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пет години мистерија

Горан Петревски26 февруари 2009

Борис Трајковски - политичар близок до најголемите светски државници, човек од народот, типичен пример на обичен Македонец. Тоа е најкусиот опис на претседателот, кого Македонија го загуби пред пет години.

https://p.dw.com/p/H1YF
Миленик на западот - Борис ТрајковскиФотографија: AP

Борис Трајковски стигна до врвот на македонската политика преку претседателските избори во 1999 година, кои тогашната опозиција СДСМ ги оцени како „тежок фалсификат“. Попатна станица во метеорската кариера на правникот од Струмица беше Министерството за надворешни работи. Како заменик-министер во екот на косовската криза, стана популарен по изјавата, упатена кон меѓународната заедница: „Од далеку многу убаво ги гледате работите, но јас ќе ви предложам нешто конкретно: пратете на скопскиот аеродром сто авиони и пренесете ги бегалците во Стокхолм“, рече Трајковски.

Ослободен од партиски окови

Boris Trajkovski bei Flugzeugabsturz getötet
Тогашниот премиер, Бранко Црвенковски, се запишува во книгата на тагаФотографија: AP

Како заменик за надворешни работи ги освои симпатиите на домашната јавност. Како претседател, за брзо време стана миленик на Западот. Ослободен од партиските окови, ги користеше личните пријателства за промоција на државата. Се залагаше за европска Македонија, вклучена во сите европски институции. Ги амортизираше ригидните владини ставови кон меѓународната заедница за време на конфликтот во 2001 година и беше покровител на Охридскиот рамковен договор. Патриот, кого разумот не го напушти ниту во најтешките мигови во воената 2001 година. Спомените за него будно ги чуваат неговите најблиски, семејството, сопругата Вилма Трајковска, неговите браќа Мојсеј и Александар... секогаш со солзи во очите зборуваат за Борис. „Во мене се мешаат две силни чувства, кои се спојуваат едно во друго“, вели сопругата Вилма. „Едното е гордоста и благодарноста, а другото е тагата. Тагата која не престана по нашиот Борис, и гордоста што моите деца и јас сме дел од него“, вели таа.

И неговиот брат се присетува на спомените: „Сеедно дали беше претседател или обичен граѓанин, тој прв ми се јавуваше да ми го честита роденденот“.

Лицемерие или задоцнето признание

Како политичар со сопствен став за актуелните проблеми и изградена визија за иднината, Борис Трајковски лесно создаваше политички противници и отворени непријатели. Многумина се оградуваа од него. Го негираа, го исмеваа неговиот стил и го прогласуваа за грешка. По смртта, сите се редеа со гласни признанија за неговото дело. Политичките аналитичари се` уште се без одговор дали пресвртот во оценката на ликот и делото на Трајковски по несреќата се вика лицемерие или задоцнето признание.

Wrack von der Präsidentenmaschine Boris Trajkovski
Се` уште нејасно што точно се случи крај МостарФотографија: AP

И додека патетичните слики од Македонија во деновите по загубата на Трајковски полека бледнеат, се` уште е силна мистеријата за авионската несреќа што се случи во Босна и Херцеговина. Еден од тамошните новинари вели дека многу прашања останале неодговорени. За Зоран Крешиќ најчудно од се` е зошто само по неколку дена од падот на владиониот „Кингер“, двајцата војници кои го наведувале авионот кон мостарскиот аеродром биле вратени во Франција. „Она што на новинарите им остана нејасно и она што е завиткано со велот на таинственоста е улогата на француските мировни сили кои го надгледуваа небото над БиХ. Мнозинството колеги веруваат дека случајот не е завршен“, вели новинарот Зоран Крешиќ.

Нови аспекти од истрагата

Секоја годишнина од смртта е повод за нова истрага која никако да заврши. Официјалната верзија за случајот е грешка на пилотите, но многумина се сомневаат во таквотото објаснување. Макеоднскиот парламент формираше комисија, европскиот пратеник Андреас Грос спроведе сопствена независна истрага. Случајот не е завршен и за македонската полиција, вели министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска. Во моментов сме фокусирани на еден аспект од истрагата, кој сметаме дека досега не бил доволно разгледан и анализиран, а тоа е аспектот кој ги опфаќа анализите на воздухопловните експерти“, вели Јанкуловска.

Петте години се малку за да може историјата реално да го вреднува делото на Трајковски, но многу за неговата смрт да биде се` уште мистерија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема