Пежо и Цитроен укинуваат 8.000 работни места
12 јули 2012Од кратењата на работни места најмногу ќе бидат погодени фабриката во Олне-су-Бу крај Париз и фабриката во Рен, соопшти претпријатието. Причина за овој чекор е очекуваниот пад на пласманот за годинава во Европа за осум проценти, соопшти автомобилскиот концерн, кој по Фолксваген е вториот по големина производител на автомобили во Европа.
„Целосно сум свесен за сериозноста на денешната најава“, изјави шефот на Пежо Филипе Варин. Меѓутоа чекорот бил неизбежен поради тежината на кризата, како и нејзиното влијание врз продажбата во Европа.
Во фабриката во Олне-су-Бу крај Париз, која има повеќе од 3000 вработени, во 2014 година ќе запре производството на автомобили, се вели во соопштението. Во околината на Париз продукцијата ќе се концентрира во фабриката во Оас.
ПСА Пежо-Цитроен во февруари склучи кооперација со американскиот производител на автомобили Џенерал Моторс, кому му припаѓа и Опел. Оттогаш се стравува дека ќе дојде до дополнителни кратења на работни места, оти соработката меѓу двата концерни треба да донесе заштеди.
За првата половина од годинава, конкурентот на Фолксваген навести значителни загуби. Според концернот, оперативнитот минус од трговијата со автомобили изнесувал околу 700 милиони евра.