Партнерство со умерените
16 јануари 2007Само доколку САД се ангажираат во изралеско-палестинскиот конфликт за возврат ќе можат да сметаат на поддршка на Саудиска Арабија, Египет,Јордан и останатите заливски земји по прашањето на Ирак.
Кондолиза Рајс со нејзината иницијатива за скорешна тројна средба со израелскиот премиер Олмерт и палестинскиот претседател Абас го направи првиот чекор. Вториот сега треба да го направи арапската страна.
Во разговорите со саудискиот крал Абдула двете теми веќе биле зафатени. Абдула е творец на саудискиот мировен план од 2002 година, кој ветува признавање на Израел од страна на арапските соседи, доколку за возврат Израел признае независна палестинска држава. Истите главни пунктови ги содржи и т.н. Роудмап, односно мировен план за Блискиот исток.
Покрај тоа, една од централните работи важни за саудиското кралство е политиката на САД кон Ирак конечно да произведе стабилност во соседната земја, и тоа без притоа да биде запоставено сунитското малцинство.
Американската министерка за надворешни работи, од египетска страна, доби поддршка на новата стратегија на претседателот Буш, а за возврат сунитската држава ја нарече стратешки партнер на САД: “Што се однесува до Ирак, го делиме ризикот и одговорноста, зашто ова е регион кој е погоден многу од развојот на ситуацијата во Ирак. Претседателот Мубарак укажа на тоа дека ние треба да ја почнеме нашата дипломатија со државите кои го поддржуваат Ирак како држава на сите – на Сунтитите, Шиитите и Курдите. Со тие држави треба да развиеме заедничка стратегија за обединет Ирак, кој ќе може да се брани од влијанијата однадвор, па и влијанијата кои би можеле да дојдат од Иран.“
За Саудијците од посебно значење е веројатно последната реченица. Иранското влијание врз Шиитите во Ирак за кралството е веќе подлго време трн в око. Сунитската земја стравува од зајакнување на шиитските сили во регионот и од потиснување на Сунитите во Ирак. Саудиска Арабија за два месеци треба да го преземе претседателството со Арапската лига. На средба на оваа организација на крајот на март, би можело да стане збор и за американските планови во Ирак, како и за иницијативата за Израел и Палестина.