1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парламентот во Лондон притисна на кочница

АТ/ афп/ ап/ дпа/ ртр30 август 2013

Велика Британија нема да учествува во евентуален воен напад во Сирија, откако соодветнтие планови беа сопрени во парламентот. Американскиот претседател Обама има намера да донесе одлука „во интерес на САД“.

https://p.dw.com/p/19YqO
Фотографија: Reuters

Британскиот премиер Дејвид Камерон ревносно удри по борбените барабани, потоа го ублажи планот за воена акција против режимот на претседателот Башар ел Асад. Но, тоа ништо не му користеше. Со 285 наспрема 272 гласови Долниот дом на Парламентот во Лондон одби воени чекори, со кои би требало да се спречат евентуални натамошни напади со отровен гас од страна на режимот на Асад.

Камерон во дебатата јасно стави до знаење дека не станува збор ниту за инвазија, ниту за промена на режимот, туку за една казнена интервенција за веќе спроведена акција со хемиско оружје. Но, не само опозиционата Лабуристичка партија, туку и пратениците од конзервативните редови на Камерон бараат докази за употреба на хемиско оружје од страна на режимот на Асад.

Повторно нема спогодба во Советот за безбедност

На Камерон на крајот не му остана ништо друго, туку да го признае поразот. Парламентот со своето гласање јасно покажа дека не сака британска воена акција, рече премиерот по гласањето. Тој тоа го примил на знаење и британската влада ќе ја почитува волјата на Долниот дом на Парламентот.

Претходно петте постојани земји членки на Советот за безбедност на ОН и при втората дебата за британската нацрт-резолуција не постигнаа согласност за заедничка интервенција.

Медиуми: Обама е подготвен и самиот да преземе акција

Портпаролката на Националниот Совет за бездбедност на САД, Кетлин Хајден, во Вашингтон рече дека резулатот од гласањето во британскиот парламент е примен на знаење. САД и натаму се во контакт со британската влада. Претседателот Барак Обама, меѓутоа при донесувањето одлука ќе се раководи од тоа „што е во интерес на САД“.

Symbolbild Obama Reaktion auf Giftgaseinsatz in Syrien
Фотографија: Reuters

Според информации на „Њујорк Тајмс“ претседателот очигледно бил подготвен и самиот да преземе воена акција против Сирија. Обама при евентуална воена интервенција нема да чека на Велика Британија, пишува весникот, повикувајќи се на владини кругови.

Јавноста треба да биде информирана

Белата куќа нагласи дека сѐ уште не е донесена одлука за воена интервенција. Портпаролот Џош Ернест исто така навести дака САД самите би можеле да преземат акција. Претседателот во прва линија е одговорен за граѓаните на САД, рече тој.

Претседателот на САД е убеден дека се работи за суштинските интереси на земјата и дека државите, кои го прекршиле меѓународното право, би морале да бидат повикани на одговорност, нагласи Хајдн.

Во меѓувреме министерот за надворешни работи Џон Кери и министерот за обрана Чак Хејгл како и други високи по ранг владини претставници во телефонска конференција ги информираа претставниците на Конгресот за можните реакции на САД во конфликтот во Сирија. Притоа владата на САД јасно ставила до знаење дека нема сомневање во употребата на хемиско оружје од страна на сириското раководство. До викендот треба да биде информирана американската јавност.

Меркел за дипломатско решение

Вчера исто така и францускиот претседател Франсоа Оланд, кој заедно со Камерон најсилно се залагаше за воена интервенција, го умери тонот. По средба со шефот на опозиционата Национална сириска коалиција, Ахмеда Аси ал Џарба, тој побара „соодветна реакција“ на светската заедница.

Германската кацеларка Ангела Меркел и натаму се залага за дипломатско решение. По телефонскиот разговор со рускиот претседател Владимир Путин, се вели дека и двете страни се согласни дека за Сирија би можело да има само политичко решение. Меркел сепак се заложила за консеквенции, доколку биде докажано дека режимот на Асад бил одговорен за употреба на отровен гас.

По четири денови инспекторите за хемиско оружје на ОН денеска треба да ја завршат потрагата по докази за употреба на отровен гас во околината на Дамаск. Откако ќе ја напуштат земјата, генералниот сектретар на ОН, Бан Ки Мун, веднаш ќе поднесе извештај. Земените проби потоа треба да бидат анализирани во европските лаборатории.