1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Ирак: Папата се сретна со големиот ајатолах

Рајнхард Клебер
6 март 2021

Папата Франциско на вториот ден од својата посета на Ирак се сретна со шиитскиот голем ајатолах Али ал-Систани.

https://p.dw.com/p/3qIIT
Irak Najaf | Besuch Papst Franziskus | Treffen mit Großajatollah Ali al-Sistani
Фотографија: Grand Ayatollah Ali al-Sistani office/Reuters

Средбата на папата Франциско и шиитскиот голем ајатолах Али ал-Систани се одржа во јужноирачкиот град Наџаф. Тоа беше приватен разговор. 90-годишниот Али ал-Систани претставува морален авторитет во Ирак. Ватикан соопшти дека средбата, која се очекуваше со големо нетрпение, се одржала зад затворени врати во резиденцијата на големиот ајатолах. Притоа, Ал-Систани му рекол на папата Франциско дека христијаните во Ирак би морало да живеат во мир и сигурност. Христијаните се религиозно малцинство во земјата. Други детали за средбата засега не се соопштени.

Големиот ајатолах има милиони приврзаници. Али ал-Систани има и политичко влијание. Неговите говори во Ирак наидуваат на голем одзив. Тој живее повлечено.

До последно беше неизвесно дали од средбата на двајцата верски лидери може да се очекува соопштение. Папата при посетата на Обединетите Арапски Емирати во 2019 година потпиша заеднички документ со сунитскиот голем имам на Египет, Ахмед ал-Таџиб и високи религиозни претставници на сунитскиот ислам. Тој носеше наслов: „Братство на сите луѓе - за мирен соживот во светот“.

Irak Najaf | Besuch Papst Franziskus
Папата Франциско во Наџаф (06.03.2021)Фотографија: Vatican Media/Reuters

По средбата со големиот ајатолах, Франциско замина во античкиот град Ур, кој важи за родно место на Аврам, кој, според Библијата, е прататко на народите. Во Ур треба да има интеррелигиозна средба, која во фокусот го има мирот и разбирањето.

Ова е прва посета на еден папа на Ирак. Тој со патувањето му ја исполнува долгогодишната надеж на христијанското малцинство во Ирак. На посетокот на посетата папата Франциско побара ставање крај на насилството. „Оружјето треба да молчи“, рече тој во Багдад и го повика ирачкото раководство да им обезбеди права и заштита на припадниците на сите религиозни групи во земјата. „Никој не смее да биде третиран како граѓанин од втора класа“, рече тој.

Irak Besuch des Papst Franziskus
Папата Франциско вчера (05.03.2021) зборуваше во Претседателската палата во БагдадФотографија: Andrew Medichini/AP Photo/picture alliance

Регионот на денешен Ирак важи за еден од најстарите региони каде имало христијани. Христијанското малцинство, кое во изминатите децении беше прогонувано, сега е многу намалено - од над еден милион на само, според проценките, помеѓу 200 и 400 илјади христијани. Христијаните и другите верски малцинства страдаа пред се' во подрачјата окупирани од терористичката милиција „Исламска држава“.